Росоклија за полицајката, за „пајакот“, за една битанга и за сите нас

Професорот на Медицински факултет при Универзитет „Колумбија“ во Њујорк, Горазд Росоклија, на својот профил на „Фејсбук“ го прокоментира вчерашниот инцидент на Бит пазар со полицајката Јасмина Јаначковска и со високиот функционер на ДУИ, Бекир Асани, во главните улоги.

„ЗА ЈАСМИНА ЈАНАЧКОВСКА, ЗА ПАЈАКОТ, ЗА ЕДНА БИТАНГА И ЗА НАС

Во 1985 година отидовме како извидница во Непал. Требаше да го подготвиме теренот за македонската експедиција ‘Мт. Еверест 1989’.

На една тревната ливада ги распнувавме шаторите и ја систематизиравме опремата. Анг Замбу Шерпа ми го кажуваше неговото искуство од ‘Мт. Еверест’ кога двајца германски алпинисти, искусни водичи од Алпите, на триесет минути од шаторот кој би им го спасил животот, истоштени, останале ноќта да бивакуваат на отворено и утредента биле најдени замрзнати.

На моето гласно размислување ‘за само триесетина минути’ Анг Замбу Шерпа ми го кажа следново: ‘Ех Док, Док, од тука, од оваа зелена трева со кока кола во раката, кога ги гледаме хималајскине врвови, со погледот за час сме до врвот и долу, ама таму, на 9.000 метри, сѐ е поинаку’.

Во ‘кожата’ на полицајката која против себе го има не само системот, не само личната безбедност и безбедноста на семејството ако не постапи како што постапува, туку против себе ги има и сите скромноумни кои ‘знаат’ дека тие поинаку би постапиле, што е видливо од состојбата во која се наоѓа земјата, сѐ е поинаку, како што е поинаку на 9.000 метри.

Срам, срам врз сите нас!“, напиша членот на Македонска академија на науки и уметности (МАНУ) надвор од работниот состав.