Горазд Росоклија, професор на Универзитет „Колумбија“ во Њујорк и член на Македонска академија на науки и уметности надвор од работниот состав, смета дека проблемот не е во Грција, туку во домашните политичари, кои нудат национално предавство.

„Левичари? Христијани? Демократи? Европејци? Потребен е многу висок коефициент на скромноумност да се помисли, а камоли да се поверува дека што било од набројаното е доминантно во грчкото општество. Но, нашиот проблем не е во Грција, нашиот проблем е дома. Политичари кои нудат национално предавство, поддржани од наштанцани псевдоинтелектуалци и псевдоакадемци, кои сопствената инфериорност ја проектираат врз целиот народ“, порача Росоклија преку „Фејсбук“.

Пораката на македонскиот светски признат стручњак за невропатологија и за невроимунологија е надоврзување на постот на професорката Билјана Ванковска, која напиша „Да ти се плукнам во левичарот! Доказ дека национализмот е државна религија во Грција, без оглед на политичките бои“ за ставот на пратеникот на СИРИЗА, Димитрис Мардас, дека „без име за севкупна употреба и уставни промени нема решение на спорот, а историски било докажано дека македонска нација не постоела“.