Русија: Можност, ризик или опасност – Пишува Горан Момироски

Loading...

Протерувањето на член на рускиот дипломатски кор од земјава кој на денот кога е набркан отворал изложба во Охрид е првиот судир на македонската дипломатија со една светска супер сила по признавањето на Тајван во 1999 година.

Ако се суди според начинот на кој тогаш реагираше Република Кина и сегашниот чекор на Македонија може да биде катастрофален затоа што и Русија е членка на Советот за безбедност.

Објективно, во мултиполарниот свет во кој функционира малата Македонија можностите Русија целосно да не блокира на меѓународен план или да ни предизвика економски последици се се помали но сепак како член на СБ на ОН има механизми со кои може да ни направи сериозна штета.

Ризикот од вакво сценарио е логичен но протерувањето може да биде оправдано ако потегот на официјално Скопје е во тесна координација на планерите на стратешките цели на НАТО.

Ако се работи за некакви ветувања или барем најава дека судирот со Москва ќе биде соодветно награден на јулскиот самит на НАТО во Брисел тогаш потегот на Владата и покрај ризиците е прифатлив.

Македонската влада и онака предходно реши да ги прекине сите блиски контакти со Русија и едно протерување во општиот контекст нема да значи ништо посебно.

Предходно новата влада Скопје и Москва влегоа во неколку спорадични конфликти кои работата ја доведоа речиси на граница на непријателство.

Само да потсетиме дека по немуштата изјава на премиерот Заев лани во Подгорица, Москва грубо и директно ги отфрли обвинувањата дека Русија се меша во внатрешните работи и дека била дел од планирани атентати во Македонија.

Искрено верувам дека македонските власти го имаат предвидено целото сценарио, особено најцрното за идниот развој на настаните. И дека наскоро јавноста ќе добие конкретни информации што точно правел рускиот дипломат. Со име и презиме да биде наведен и дипломатот и неговите шефови и притоа да бидат наведени членовите на Виенската конвенција кои ги прекршил.

Во исто време нема причина да не се наведат и македонските граѓани негови поддржувачи и кривичните дела кои што тие ги сториле.

Она што Русија може да го направи во моментов а што може драматично да ја влоши состојбата не е во енергетскиот сектор или пласманот на раноградинарски производи туку како членка на Советот за безбедност во спорот за името.

Ако се земе предвид дека Грција не ја следеше Велика Британија во протерувањето на руски дипломати не смее да се исклучи можноста наскоро Москва да ни упати порака поврзана со името. Иако руската дипломатија принципиелно ја призна Македонија под уставно име (Јелцин на барање на Жељу Желев) сега ништо не ја спречува да го повлече признавањето.

Со тоа драматично нема ништо да се смени особено ако во знак на благодарност Лондон не признае под уставно име (што е речиси неверојатно) но може да направи дисбаланс во Обединетите Нации.

Дури напротив логично е сега САД и Британија да имаат одлична основа да не “протнат” во НАТО како далеку посолидарна и поодговорна земја од Грција во западната алијанса.

Како членка на Советот за безбедност на ОН Русија може да направи штета ако процесот на решавање на спорот за името се врати во светската организација според формулата на професорот Игор Јанев.

Со вчерашниот потег Македонија практично загуби можност за алтернатива на билатералните преговори и опцијата за гласање за македонското име во ОН. Со оглед на тоа што сегашните односи меѓу Македонија и Русија се базираат на две резолуции на СБ на ОН јасно е колкава е опасноста Москва да не блокира во следните чекори. Како што е јасно дека Вашингтон сега на Атина може полесно да и каже “да олади” за името.

Македонија вчера и покрај непотребноста на протерувањето им покажа став и решителност на западните партнери дека е подготвена на се за да станеме дел од западната цивилизација дури и ако е тоа краткорочно на наша штета.

Иако сеуште не е јасно зошто Лондон воопшто побарал поддршка од Македонија затоа што и без Скопје ударот на Москва е значителен, сега сите очекуваат токму Британија да ја притисне Грција за влезот во НАТО. Се друго ќе биде разочарување за македонските граѓани кои што во најголем дел дипломатијата ја доживуваат како “танте за кукурику”.

Најстрашното сценарио за Македонија е сепак друго. САД, Лондон како што пати досега направиле, да се смират со Москва поради други глобални проблеми, а ние да останеме да градиме нови односи со членот на СБ кој е сега длабоко разочаран од Македонија.

Уште пострашно е ако вчерашниот потег не е само обична солидарност туку навистина е поврзан со македонската безбедност како што тврди министерот Димитров.

Загрозена национална сигурност и Русија во иста реченица кажани од шефот на дипломатијата доколку не е само замајување на јавноста значи дека Македонија е во исклучително тешка безбедносна состојба.

А досега не слушнавме дека владата вовела вонредни безбедносни мерки ниту дека претседателот го свика Советот за безбедност.