Русија се лути, ја менува политиката кон уставното име на Македонија

Иако во официјалните контакти и изјави досега не беше најавена промена во позициите на Русија за македонското уставно име се чини во Москва има придвижување за ова прашање.

Во текст на рускиот државен медиум „Спутник њуз“  објавен деновиве, за прв пат Македонија наместо со своето уставно име кое што го има признато и Русија, се именува со референцата од ОН, ФИРОМ.

 

Ако се знае дека Спутник е медиум формиран од руската влада и е под целосна уредувачка контрола на руската дипломатија јасно е дека официјална Москва испраќа сигнали за промена на нејзиниот став за признавање на македонското уставно име.

Засега ниту македонските власти ниту руската дипломатија официјално не информирале за ваков развој на настаните но сосема е можно последниот обид на владата на Заев да направи пробив кон членство во НАТО да е причината за ваквото однесување на Кремљ.

Руската влада во некоку наврати особено по посети на грчки високи претставници потврди дека нејзината дипломатија ќе прифати било какво решение прифатливо за двете страни, односно најави дека доколку дојде до договор меѓу Скопје и Атина таа и во билатерална комуникација ќе го користи новото име.

Русија ја призна Македонија под уставно име во 1992 година за време на посетата на Борис Јелцин на Софија каде што на барање на тогашниот бугарски претседател Жељу Желев Руската федерација донесе указ за признавање на Република Македонија.

Заминувањето на владата на ВМРО – ДПМНЕ и дипломатската офанзива на премиерот Заев и министерот Димитров навестуваат дека една од супер силите и членка на Советот за безбедност на ООН може да се премисли во врска со уставното име што ќе биде голем удар за и онака кревката меѓународна позиција на Македонија. Овој удар може да се надомести со влез во НАТО и почеток на преговори за членство во ЕУ но засега оваа опција е сеуште многу далечна.

SHARE