Рускиот патријарх Кирил и бугарскиот Неофит за статусот на МПЦ-ОА

Статусот на Македонска православна црква–Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) ќе биде тема на средбата на бугарскиот патријарх Неофит со рускиот патријарх Кирил, кој денеска и утре е во посета на Софија за одбележувањето 140 години од ослободувањето на Бугарија од османлиското ропство.

Бугарскиот митрополит Антониј во изјава за Бугарска национална телевизија потврдува дека статусот на МПЦ-ОА е актуелна тема во православниот свет, за која треба да се разговара.

„Светиот синод на БПЦ секогаш настојувал да им помогне на македонските христијани да имаат канонски призната православна црква“, рече митрополитот западноевропски и средноевропски, посочувајќи дека и БПЦ во својата историја поминала низ „шизматски пат“, слично на Македонската, кога се одделувала од Грчката црква.

„БПЦ сака да се реши статусот на Македонската црква и не може да се држи настрана од тоа прашање, но истовремено не сака да ги наруши каноните“, изјави митрополитот Антониј.

Светиот синод на МПЦ-ОА на 9 ноември лани побара од БПЦ да ѝ биде црква-мајка, да се воспостави евхаристиско единство и да се заложи за признавање на нејзината афтокефалност. МПЦ-ОА побара и заедничко служење на света литургија со БПЦ. Светиот синод на Бугарската православна црква на 27 ноември одлучи да се ангажира и застапува пред помесните православни цркви за востановување на канонскиот статус на Македонската православна црква.

 

SHARE