САД: Услов за НАТО не е само името, туку и акцискиот план за членство

Кертис Скапароти, командант на американската војска во Европа, во однос на влезот на Македонија во НАТО го наведува исполнувањето на критериумите од акцискиот план за членство (МАП), индиректно потврдувајќи дека надминувањето на разликите околу името со Грција не е единствениот услов.

На прашањето од републиканскиот конгресмен од Индијана, Џим Бенкс, за време на дебатата за безбедносните предизвици во Европа во рамките на Комитетот за оружени сили при Конгресот на САД до каде е процесот на зачленување на Македонија во северноатлантската алијанса, Скапарели одговори дека за потребата од остварување на акцискиот план разговарал и со македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Обединета македонска дијаспора (ОМД) му се заблагодари на конгресменот Бенкс за интересот за македонското зачленување во Алијансата, истовремено преку својот профил на „Твитер“ додавајќи дека „генералот Скапароти можеби не е информиран дека Македонија ги исполни сите барања од МАП и оти ова ѝ е 18. година со МАП – најдолго во историјата“.