Самарас со тужба против Ципрас: Го клеветел во случајот „Новартис“

Поранешниот грчки премиер Андонис Самарас, поднесе тужба против актуелниот претседател на Владата на Грција, Алексис Ципрас, затоа што го вмешал неговото име во случајот со фармацевтската компанија „Новартис“. Самарас го обвини Ципрас дека тој е одговорен за „наместениот ужасен заговор, толку лошо наместен, што се распаѓа самиот“.

– Од далеку се гледа дека обвинувањата се само клевети. И тоа го сторија набрзина, еден ден по огромниот протест за Македонија. Во моменти кога Грција е соочена со големи предизвици и закани, се обидуваат со лаги да ги замолчат нивните противници, делејќи го грчкиот народ. Единствениот начин да ги избегнеме игрите на сите оние што клеветат е да ги седнеме на обвинителната клупа и ние да го докажеме нивниот заговор, истакна Самарас.
Поранешниот грчки премиер смета дека целиот случај има и политичка заднина, бидејќи во иднина секоја нова Влада „ќе може да користи наместени лажни сведоци за да ги уништи политичките противници“.

Тој го обвини актуелниот грчки премиер дека додека бил во опозиција гласал против мерките на неговата Влада за борба против корупцијата и намалување на фармацевтските трошоци.
Самарас е еден од дузината политичари чии имињата се споменати во истрагата за случајот со швајцарската компанија „Новартис“ за поткуп, пасивен поткуп и злоупотреба на службена должност.

Оставете коментар