„Самоопределување“: Албанците се автохтон државотворен народ во Македонија!

Loading...

Серијата јавно изречени ставови дека Албанците не се малцинство во Македонија ја продолжи косовското движење „Самоопределување“, според кое нивните сонародници во државава се „автохтон државотворен народ“.

Третата по бројност политичка сила во косовскиот парламент со 19 пратеници од вкупно 120 го поздрави изгласувањето на Законот за употреба на јазиците, кој предвидува албанскиот да биде службен на целата територија на државата, но го оцени како „неопходно, но недоволно достигнување“.

„Премиерот Заев не може да каже дека сега ја исполнил обврската кон Албанците, кои го поддржаа да дојде на власт. Албанците треба да добијат инвестиции од државата за подобри училишта, инфраструктура и работни места, како и соодветно учество во државните институции и во администрацијата. Пред сè, треба да престанат навредите и заканите кон нив, како и дискриминацијата во судскиот систем“, соопшти партијата на Албин Курти.

„Самоопределување“ ги критикува претседателот Ѓорге Иванов и опозициската ВМРО-ДПМНЕ за противењето на Законот, кој смета дека требало да биде усвоен уште во август 2001 година, како резултат на Охридскиот договор.

„Училиштата, вработувањето, третманот, инвестициите, буџетирањето, почитувањето на Албанците во Македонија не се ни блиску до нивото пропишано со Охридскиот договор, ниту, пак, на тоа што им припаѓа на Албанците“, се додава во соопштението.