Само еден Албанец пратеник не гласал за Законот за јазиците

Кој е единствениот пратеник Албанец во Собранието на Република Македонија кој што не гласал за Законот за јазиците кој помина завчера со 69 гласа за од исто толку присутни?

Анализата на гласачките листи покажува дека тоа е Мендух Тачи, лидер на Демократската Партија на Албанците.

Тој воопшто не гласал затоа што не бил присутем во Собранието.

Тачи и во ноември кога се гласаше дали има потреба од усвојување на закон за јазици не беше присутен.

Причината е што тој смета дека овој закон предложен од владата не е доволно добар за Албанците.

Од таа причина пред три недели тој во Собранието поднесол друг закон за јазици.

Пратеничката од оваа партија Мерал Узеири на парламентарната Комисија за политички систем соопшти дека ДПА го смета како недоволен предлог-законот за употреба на јазиците, кој е во собраниска постапка.

Сепак завчера таа гласала за владиниот предлог.

Мендух Тачи и Бардуљ Даути се предлагачи на другиот закон на ДПА за реализирање на рамноправноста на службените јазици и писма во Република Македонија, кој влезе во собраниска процедура.

„Со предлог-законот за реализирање на рамноправноста на службените јазици и писма во Република Македонија во законска рамка ќе биде уредена рамноправност на службените јазици со што статусот на македонскиот јазик и албанскиот јазик, како и нивните писма, како службени јазици во Република Македонија, ќе биде ист, односно рамноправен и воедно користењето во сите институции ќе биде исто. 

Со предлог-законот ќе се уредат и правата на сите заедници во Република Македонија за зачувување, заштита и промовирање на нивниот јазичен идентитет и Република Македонија ќе добие мултијазичен карактер, како културна и историска вредност“, се наведува во предлог-законот.

Во него е предвидено дека  „македонскиот јазик и албанскиот јазик и неговото писмо (азбука) се службени јазици во Република Македонија и имаат рамноправен статус при нивната примена во сите институции.

Според член 2, во Република Македонија се обезбедува рамноправноста на македонскиот јазик и албанскиот јазик и неговото писмо (азбука). Сите граѓани на Република Македонија имаат рамноправни права во однос на употребата на службените јазици во сите државни институции.

Член 3 предвидува дека на општинско ниво, другите јазици на заедниците, како турскиот, ромскиот, српскиот, бошњачкиот јазик, ќе бидат јазици во службена употреба, според условите определени со закон.

Според член 4, во општините населени од една заедница, чијшто мајчин јазик не е службен јазик и која претставува најмалку 10% од вкупното население на истата општина, јазикот на таа заедница ќе има статус на службен јазик во таа општина и ќе се употреби на еднаков начин како и службените јазици.

Институциите во Република Македонија ќе обезбедат јазични права на граѓаните кои се дел од заедниците чијшто јазик не е службен, во согласност со одредбите на овој закон.

Понатаму, се предлага сите државни институции, јавните претпријатија, управите, агенциите и органите во нивен состав, органите на локалната власт, како и сите органи кои вршат јавна дејност, во работењето, комуникациите и службената постапка се должни да го применат начелото на рамноправност на јазиците и неговото писмо утврдени со членовите 1 и 2 од овој закон.

„Секому му е гарантирано правото во постапка пред суд или пред други државни органи кои во вршењето на нивните јавни овластувања одлучуваат за правата и обврските на граѓаните да го употребат својот мајчин јазик во таа постапка и да биате запознаени со фактите на својот јазик“, се предлага во членот 6.

Оставете коментар