СДСМ најпопуларна партија меѓу сите граѓани, за Македонците на второ место

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија по 11 години повторно заседна на прво место на анкета за популарност на политичките партии.

Според последната анкета на агенцијата Брима владејачката СДСМ има повисок рејтинг од опозициската ВМРО-ДПМНЕ  и тоа само неколку недели откако нејзиниот лидер Заев стана премиер.

Во СДСМ доверба имаат  22,4 проценти од испитаниците, а за ВМРО-ДПМНЕ поддршка даваат  19,8 отсто од анкетираните граѓани.
На прашањето кој е најпопуларен политичар, лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев е пред  Никола Груевски. Доверба во Заев имаат 17,7 проценти од испитаниците, а во Груевски само 13 %.

Ако се мери само расположението на македонскиот електорат во водство сеуште е ВМРО – ДПМНЕ со доверба од 28,6 отсто, пред СДСМ чија популарност изнесува 27,7 проценти.

Трета  најсилна политичка партија е ДУИ со 7,3 проценти, пред Беса и Алијансата на Албанците кои имаат идентичен рејтинг од 4,3 отсто. Али Ахмети останува најпопуларен политичар кај Албанците со доверба од 23,8 отсто од испитаниците, пред Зијадин Села за кој се определиле 15,9 проценти. Лидерот на БЕСА Билал Касами има поддршка од 13,9 отсто.

Аналитичарот Петар Арсовски во изјава за Дојче Веле на македонски јазик вели дека овој тренд се должи на авторитарната структура на граѓаните кои што сакаат да поддржуваат луѓе на власт но и поради клиентелизмот односно затоа што мислат дека може да добијат нешто од владата.

Според него поддршката на Албанците за СДСМ не значи дека оваа партија може да оствари спектакуларни резултати на локалните избори затоа што тие се базираат на етнички клуч при гласањето.

„Секогаш секоја власт после добивање избори добива поттик кој се должи на авторитарната структура и природа на електоратот“, вели Арсовски за ДВ.

Истражувањето на Брима е спроведено во периодот од 2 до 12 јуни, пред посетата на премиерот Заев на Софија каде што беше најавено дека Македонија и Бугарија заедно ќе го слават Илинден и ќе потпишат договор за добрососедство.

SHARE