Села: На 27 април имаше Албанци со калашникови на Камени мост!

Германскиот весник „Нојес Дојчланд“ направи репортажа од Скопје, фокусирајќи се на лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, поточно на нападот врз него за време на инцидентите во Собрание на 27 април минатата година.

Репортажата на новинарот Мартин Лајденфрост, насловена „До следната тепачка“, ја пренесуваме во целост:

„Поради развојот во македонско-грчкиот спор за името се појавуваат нови немири, па ме интересира последната македонска тепачка. На 27 април 2017 година промената на власта кулминираше со насилство. Поддржувачите на десничарската националистичка владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ упаднаа во парламентот и ги нападнаа социјалдемократските и албанските пратеници, кои само што формираа ново владино мнозинство. Најтешко повреден беше лидерот на една мала, амбициозна албанска партија. Зијадин Села по неговото закрепнување објави: „Ако денес не бев жив, би имало војна во Македонија“. Треба да го запознаам човекот. Па, повторно одам низ Скопје. Неокласичната монументална зграда на ВМРО во центарот остана незавршена. Дополнително на ова се билбордите со изреки на Мајка Тереза, која е родена во Скопје. Во албанското културно кафуле ‘Либрарија’ ме привлече брошура. Ги содржи уставите на трите албански држави Албанија, Косово и – со албански удел од 25 проценти – Македонија. Прочитав дека сепаратистичкиот ентитет Косово е ‘неделив’, додека Македонија дозволува промени во границите под нејасно формулирани услови.

Потоа седам во Парламентот и го чекам Села во неговата канцеларија. Телевизор, празна стаклена витрина, неговата маса речиси празна. Мала слика, снежен шумски впечаток. Влегува пратеникот. Син костум, бела кошула изработена од непроѕирен материјал, голем убав човек. Зборува со длабок глас, бавен и сигурен.

Неговиот поглед на македонската историја не треба да го цитирам, албанскиот си е албански: Ако Албанија не излезе толку мала со Договорот од Лондон во 1913 година, „на Балканот ќе имаше совршен баланс – секоја држава со по 6-8 милиони Албанци, Срби, Бугари, Грци. „Денес“, вели тој, „ние Албанците повеќе ѝ веруваме на ЕУ од која било друга нација. Ние веруваме во NO BORDERS (брз граници – н.з.)“. „Без граници или без гранични контроли?“. Се смее: „Без гранични контроли“.

Во меѓувреме, Села ја напушти новата влада. Поранешниот интернист не гледа напредок во однос на независноста на судството и на интелигенцијата, а „локалните избори беа полоши отколку во времето на режимот на ВМРО“. Ривал на Села е албанскиот политичар Али Ахмети, кој од 2001 до 2002 година се трансформира од воен лидер во граѓанската војна во вечен коалициски партнер на големите македонски партии. Села ја нагласува загриженоста на Албанците, како за новиот закон за јазиците, кој го издига албанскиот во втор службен јазик во целата земја, но на поинаков начин – како прогонет опозиционер. Чуварот Албанец, кој на 27 април го донесе онесвестениот Села од пленарната седница, е ‘за жал, во затвор поради спасување на мојот живот’.

Му го споменувам Уставот, кој му дава на албанското малцинство огромни права на вето. Многу закони бараат двојно мнозинство, мнозинство пратеници плус мнозинство од пратениците кои припаѓаат на националните малцинства. Села објаснува: ‘Добивме само статус-кво“. Како пример тој тврди дека нема улици именувани по Албанци во неговиот град Струга со албанско мнозинство. Македонското малцинство во локалниот совет го спречува ова.

27 април 2017 година Села го опишува вака: ‘Тогаш ВМРО водеше кампања против мене, нападите беа насочени главно кон мене. Бев два часа без свест’. Но, тој се сомнева во ‘план’, според кој требало да падне жртва што ќе му дозволи на претседателот близок до ВМРО да прогласи вонредна состојба. ‘Тие сакаа да ме убијат и си мислеа дека сум мртов’. За да се одмаздат за, наводно, мртвиот Села, ‘повеќемина од албанскиот кварт се собраа на Камениот мост за да тргнат кон Парламентот, со калашникови’. Прашувам: ‘Имаат калашникови дома?’. Одговара како од пушка: ‘Така ми беше кажано’. Ги отворам очите.

Значи, разговараме без стрес со макијато, во Парламентот на разурнатата млада држава, која наскоро може да добие ново име за нови немири. Зијадин Села, исто така, кажува многу убави работи, на пример, дека се залага за ‘вистинска консензуална држава’“, пишува во репортажата на „Нојес Дојчланд“ од Скопје.