В недела на 18 февруари во 12 часот по локално време Македонците од Австралија ќе се соберат пред влезот на амбасадата на Република Македонија во Канбера, „во одбрана на нашите основни човекови права за самоопределување и за заштита на нашето македонско име, идентитет, јазик, историја и култура“.

За таа цел ќе бидат организирани автобуси од Сиднеј, од Волонгонг и од Њукасл, соопшти организаторот.

Македонската заедница од државата Викторија, пак, за 4 март најавува протест во Карлтон, предградие на Мелбурн, под мотото „Ние сме Македонци во одбрана на Македонија“. Собирот е закажан за напладне по локално време во паркот „Карлтон Гарденс“, а еден час подоцна ќе почне маршот преку „Спринг стрит“ до Парламент на Викторија.

„Апелираме до сите Македонци со своите семејства, роднини и пријатели да го посветат 4 март за спас на името на Македонија, на македонскиот јазик, идентитет, Црква, култура и традиции. Сите знаеме дека над Македонија се надвиснати најцрните облаци, најтешките денови и најголемата неизвесност да се задржи вековното име на Македонија, како и идентитетот на македонскиот народ. Заради забрзаното национално разнебитување, Македонија го повикува секое македонско чедо на 4 март да застане простум во одбрана на името на Македонија и на нејзината биднина“, се вели во повикот од организаторот.

Протестот на Македонците од САД, што требаше да се одржи ноќеска по средноевропско време пред македонскиот Конзулат во Чикаго, е одложен за 24 февруари од 15 до 17 ч. по локално време од безбедносни причини, поради временската прогноза за зимска бура.

Ден подоцна, на 25 февруари од 13 ч. по локално време, Македонско-американска студентска асоцијација (МАСА) во Детроит ќе организира мирен марш за поддршка на Македонија. Собирно место е Македонски културен центар во Стерлинг Хајтс, а пораката е „Не за промена на името на Македонија“.

На 3 март од 19:30 ч. во македонскиот православен храм „Св. Климент Охридски“ во Торонто, пак, Македонците од Канада ќе одржат донаторски банкет за заштита на македонските национални интереси.

SHARE