Силјановска-Давкова: КОЈ ја загрозува националната гордост?

Пишува: Проф Д-р. Гордана Силјановска-Давкова

Познат конституционалист од Швајцарија ме прашува: зошто некои новинари, медиуми, претставници на невладини организации и јавни личности во Република Македонија, жестоко го критикуваат „Прогласот“на 200-те граѓани? Kолку е развиена праксата на стимулирање и подршка на петиции, отворени писма, прогласи и други форми на граѓанска иницијатива и директна демократија за важни и отворени прашање во Република Македонија од старана на медиумите и невладиниот сектор?

Се прашувам. Зошто некои претставници на дел од невладиниот сектор, наместо до граѓаните, се поблиски до власта? Кого набљудуваат и контролираат некои новинари и медиуми: власта или граѓаните? Може ли да се биде ем владин ем невладин? Се гради ли партнерство на дел од невладините организации преку блиски односи од трет вид со Владата, или од пристојно растојание и себично чувана самостојност, со инсистирање на учество во процесот на одлучување?

Во услови на недовршена и слаба држава, во која заради опстанок на власт, на политичарите им е поважен ПР-от од реформите, во амбиент на поданичка политичка култура, state building во протекторски дух во кој последиот збор го има меѓународната заедница, „на крилјата на демократијата, евроинтеграцијата и европеизацијата“, една многу мала, секогаш удобно вдомена мрежа на неколку новинари, интелектуалци, политичари, претставници на невладини организации и „политички аналитичари“, подолго од две и пол децении, и го нуди знаењето, перото и зборот на секоја власт, спремна на адаптација и трасформација на ставовите, по потреба. Во рамките на (не)формалното мрежно управување, зад себе разви диносаурска опашка на грешни потези и одлуки, погрешни проценки, промашувања….

Сеприсутна и гласна е во јавниот простор, без неа нема телевизија, весник или портал, дебата, или експертско тело. На патот кон зададената ЦЕЛ, во макијавелистички стил, посега по секакви средства, меѓу кои и по вербална егзекуција на сите кои и стојат на патот, измислените непријатели – неистомислениците!!

Скока на повик, внатрешен или надворешен, но и интуитивно. Делува оркестрирано, најпрво како квартет/квинтет, а потем како хор во античка драма, составен од поворка на партиски војници, баронизирани НВО активисти, резервисти и волонтери од секаков вид. Обземени од желбата за публицитет, глумат сестрани експерти, па наликуваат на show звезди, импровизатори и релативизатори, небаре џез мајстори… заведувајќи симпатизери и лајкачи со егзибиционизам.

Ако некој се дрзне да изрази поинаков став, да ги критикува или да им укаже на недоследноста, мимикријата и камелеонството, па дури и ако „ги нервира“ со знаењето и успехот на различни полиња, посегаат по омиленото оружје: ОТРОВНИОТ ГОВОР НА ОМРАЗА, полн со навреди и етикети. За миг „ќе станете“ глупи, примитивнии, необразовани , предмодерни, националисти, за разлика од нив: европски, светски, постмодерни „мислители, чии думи се секогаш вистински, sexy и cool!

Длабоко верувам дека без објективно, слободно и етичко новинарство нема ниту одговорна власт, ниту информирани граѓани. Ама, имам длабок сомнеж дека таквото новинарство живее во Република Македонија, иако имало и ќе има новинари со знаење, креативен, истражувачки и непослушен дух, со интегритет и дигнитет, со посветеност на прекрасната, претешка и преопасна професија!!

Но, нема пополитизирани медиуми од нашите. Телевизиите, весниците и порталите се преплавени од политика и само политика.. на социјалните мрежи доминира политика и само политика. Од утро до вечер, од почеток до крај на секоја програма : САМО ПОЛИТИКА!. Воочувам еден невообичаен феномен: наплив на емисиии од политички карактер, финансирани однадвор!! Знам дека во ера на културна дипломатија, како продолжение на традиционалната, амбасадите и специјализираните организации на странски држави, особено во неконсолидираните демократии и сиромашни држави, подржуваат културни, еколошки, спортски и други проекти, вклучувајќи ги и телевизиски, ама ретко ПОЛИТИЧКИ, како кај нас. И…. во нив се не само неизоставни, туку и најприсутни профилите што ги споменав. Катаден….

Имам неколку дилеми за македонските медумските работи: :
– ако „ Њујорк тајмс“ си ја препишува заслугата за „новиот“ изум, наречен колумна како „страница против уредникот/уредништвото на весникот“(“opposite to editor”), со надворешни автори, како да го објаснам македонскиот парадокс на весници со 5-6 колумни/колумнисти со исти или слични меѓусебни ставови, па и со оние на уредникот?
– како да се толкува уредничкиот манир во некои весници на превземање (реемитување) колумни и ставови од face-book , на линија на уредничката политика?
– дали е во духот на слободното изразување на мислата говорот на квалификација, етикетирање, па и омраза од страна на новинари и зошто се толерира од етичките тела/судови на новинарските асоцијации ?
– колку е етички, уредници, министри и други политички функционери да лајкуваат новинарски квалификации како „фашисти“ и „националисти“ за изразен став?
– зошто министри, градоначалници и пратеници ги окупираа телевизиите, небаре се нивни мобилни кабинети?
– зошто се дозволува навреда и клевета на експерти од страна на политичари во политички емисии?
– ќе проговориме ли отворено за организираниот вербален линч на социјалните мрежи, од вработени во владините и локални институции, од членови на некои невладини организации, новинари од одредени весници и портали?

– зошто НОВИНАРИТЕ не проговорат за „новинарите“?

Вивнаа ДЕЖУРНИТЕ новинари и колумнисти, со страсни и усогласени написи и изјави во одбрана на фамозниот „Закон за употреба на јазиците“, заборавајќи дека во 2008 година го пишуваа и кажуваа спротивното, во подршка на острите напади на тогашната опозиција на „Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа“.

На правните и научни аргументи, од кои некои изнесени и тогаш, во рамките на дебатата во Собранието, со учество и на странски експерти, одговорија со непристојни квалификации. На дебатната сцена, први истрчаа диригентите, како сестрани „експерти“. По неколку месечно празно навивање, одеднаш, најголемите апологети на законот, по невозможни мисловни акробации, се потурија со Езопов пепел, не заради силата на аргументираната критика, туку по јавно изразените дилеми на некои амбасадори, кои „ништо не разбрале од законот“.

По неколкумесечно секојдневно конзилијарно информирање за извонредното здравје на законот, одеднаш, на ТОП тема, чувме ТОП дијагноза: тешка болест на некои законски решенија…. ама, наместо правните доктори да предложат ТЕРАПИЈА СО АМАНДМАНИ, се фрлија во (НЕ)ПРАВНО ЖОНГЛИРАЊЕ, со аматерска интерпретација на уставните и деловнички одредби на правото на вето на претседателот на државата!!

На еден гледан медиум, бевме сведоци на агресивна политичка противправна одбрана на законот во која чувме дека : „ПРЕСЕДАН“ бил претседателот на државата да става вето на закон со европско знаме… Кој е „неконсенсуалниот“ и нелегитимен ПРЕТСЕДАТЕЛ (со 550 000 гласови зас себе) да кажува дали е некој член неуставен…. Нема потреба од амандмани, зошто законот си е изгласан, па и донесен, а како таков „ веќе се примнеува на сите страни“!!!…. Не се можни амандмани во трето читање… Владата е таа која одлучува кој закон ќе стави европско знаме….!?

„ПРАВНИЧКИ БИСЕРИ“.. спротивни на правото.

Имено: „претседателот, во духот на начелото на поделба на власта, како темелна вредност на уставниот поредок, има право на спрега и кочница , наречена „вето“ на секој закон, освен на оној што се носи со 2/3 мнозинство!! Секој студент(ка), кој(а) го положил(а) предметот Уставно право знае дека претседателите, па и нашиот, кога посегнуваат по вето, редно е да ги образложат забелешките, укажувајќи на неуставноста на членовите на кои се однесуваат… со тоа, не се СУПСТИТУИРА УСТАВНИОТ СУД, туку се манифестира почит кон Уставот и уставноста, како должност на секој.

Секој просечен правник знае дека Владата не може да го третира европското знаме како поштенска марка и да го лепи каде сака, туку само тогаш кога усогласува закон со директива , при што, согласно Деловникот, мора, не само да ја наведе истата, со број и датум, туку и да ги посочи членовите од законот кои се усогласуваат, како и нормите од директивата со кои се врши усогласувањето..

Секој кој знае малку од компаративното уставно право, или кој барем го прочитал Деловникот, а не па ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО мора да знае дека Законот за употреба на јазиците НЕ Е ДОНЕСЕН И ДЕКА ДУРИ ПО РАЗГЛЕДУВАЊЕТО НА АМАНДМАНИТЕ И ПОВТОРНОТО ИЗГЛАСУВАЊЕ со апсолутно мнозинство (ретко решение во компаративното уставно право, зошто во најголем број устави се бара 2/3 мнозинство, односно она на кое Претседателот не може да стави вето) ќе биде донесен!!! Тогаш, Претседателот ќе мора да го потпише указот!!

Исто, така, секој пратеник знае дека во случај на скратена постапка, второто и третото читање се споени во едно… Да си одеше законот во редовна постапка и да не беше незаслужено закитен со европско знаме, постапката ќе беше редовна, матична Комисија ќе беше онаа за Политички систем, нејзиниот претседател ќе организираше расправа …. ќе поканеше уставни експерти… и ….низа прашања ќе беа разјаснети и разбистрени..

Ама, овој закон има тесна врска со преговорите и решението за името на државата и јазикот и тој „мора(ше)“ да биде донесен прекутрупа, заради повикување на него …. .

Сепак, пратеникот е политичар, а политичарите се водат од политиката, а не од правото. Ама, неодржливо е професори по право да „продаваат “политика, наместо да предаваат право, велејќи дека „ законот треба да се донесе од политички причини, а во текот на имплементацијата ќе се изшљифува“…!!!

Правно болен закон не може да изроди здрави решенија и односи, туку може да ги зарази со опасниот вирус на неуставност и неспроведливост!!

По појавата на „ПРОГЛАСОТ“, пак се огласија истите актери… Не се фокусираа на тезите во него, туку на ИНИЦИЈАТОРИТЕ: Стотици потрошени страници, илјадници зборови за „НИШТО“!??? Потекоа: „луцидни“ наслови, „просветителски“ колумни, грди, „креативни” квалификации, навредливи коментари , што не… само не АРГУМЕНТИ..

Наместо критички да го анализираат процесот на преговорите за „нашето име“, или витешки да спорат со неговите критичари (секоја чест на исклучоците) вулкански еруптираа со далечински управувач, растурајќи (без)опасна лава врз потпишаните на Прогласот. Се најдовме на насловни страници, станавме ликови во новинарски порно приказни, „ пациенти“ на надрилекари., face–book опсесија… Ах, тој Фројд!!

Заклучија дека: 200-та потписници, закитени со „ лажни“ титули, глумеле интелектуалност и патриотизам, а биле „националисти“ и “шовинисти“, или биле „измамени“ и „заведени“ од некои иницијатори: „манипулатори“ и „анонимуси“, конформисти (ептен уживаме во конфоров, изложени на десант од забрането оружје !!).

А, тогаш: FAMA VOLAT, SCRIPTA MANET!! Осамна старата колумна на главниот идеолог .. Шок.. ИСТИ СТАВОВИ како оние во Прогласот, небаре тој е анонимниот автор на „ националистичкиот памфлет“.

Факсимил од колумна во „Дневник“

Се чини дека тогаш било курентно да се тврди дека: „СЕТА НАША ИСТОРИЈА, АНТРОПОЛОГИЈА И ИДЕНТИТЕТ СЕ ПОВРЗАНИ СО ИМЕТО“. НЕ СМЕАТ ДА НИ ГО ЗЕМАТ ПАМЕТЕЊЕТО И САМОИДЕНТИФИКАЦИЈАТА“!!

Каков патос!

Мрежите зовреле од гнев. А, сега…. Face-book- от станал тажна врба!! Нимиц се исплашил дека нема да може успешно го реши спорот..

Што да кажам, освен дека : секоја сличност е НЕНАМЕРНА!! Каква РАДИКАЛНА МИСЛОВНА (РЕ)ЕВОЛУЦИЈА?! Каква ЕТИЧКА пируета, небаре од последните зимски олимписки игри.

ИНТЕЛЕКТУАЛНА АКРОБАТИКА, мисла побрза од светлината, би рекол Тихон! Каква голема жртва: АМНЕЗИЈА. Каков телесен и духовен напор : МИСЛОВНА АМНЕСТИЈА.

Жал ми е за лојалните следбеници, зошто се распишаа од секаде, КАДЕ И ДА СЕ, вдахновени од „постмодерниот“ и „антинационалистички“ гуру. Пискотници се слушаа од Галичник во Река..

Стигна и најголемото обвинување: 200 –те потписници биле „загрозувачи“ на националната гордост, Прогласот бил „ПРЕДАВСТВО“ на интелектуалците. Очекувам, во интелектуалниот занес, некој да не обвини дека ја загрозувме НАЦИОНАЛНАТА БЕЗБЕДНОСТ!!
Но, за ова ПОДОЦНА!!

Comments are closed.