Силјановска – Давкова: Република Македонија меѓу фиромизација, македониџизација и демакедонизација (2)

Loading...

Денеска го објавуваме вториот дел од анализата на професорката по уставно право Гордана Силјановска – Давкова во врска со прашањето за името

Првиот дел со наслов објавен вчера може да го прочитате на овој линк

Пишува
Гордана Силјановска – Давкова

Јас, bona fide и заради кооперативност, веднаш би прифатила две имиња од Нимицовиот именски арсенал : „НЕЗАВИСНА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“ ИЛИ „ДЕМОКРАТСКА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“, се разбира, со превод на англиски, француски, германски… како и во случајот на другите држави за меѓународна употреба. За обата, верувам дека нема да има проблем ниту за erga omnes употреба, ниту за идентитетот, се разбира, „доколку“ јазикот и народот си останат македонски!!!

Ако Грците инсистираат на јасна дистинкција меѓу името на нашата држава и нивните три, новосоздадени географски региони во 90-тите години (Централна, Источна и Западна), тогаш, нема подобро решение од двете горенаведени, зошто тие се differentia specifica меѓу нашата држава и регионите, оти епитететите „ демократска“ и „независна“ и приличат на држава, но не се соодветни за географски региони.

Впрочем, како што укажува проф. Вилијам Дан, во прашање е КОНСТРУИРАН СПОР. Имено, Грција не го користела зборот Македонија за ниту еден дел од својата територија до 1988 година, кога Владата на Папандреу решава да ја замени Северна Грција со Македонија.

Република Македонија беше единствената новосоздадена држава по распадот на СФРЈ ословувана како „ БИВША ЈУГОСЛОВЕНСКА РЕПУБЛИКА“, иако здравиот разум ни говори дека само Југославија беше бивша.

Како може македонскиот јазик, кој беше службен покрај српско-хрватскиот и словенечкиот во рамките на југословенската федерација, сега да биде „СПОРЕН“, „ПРОБЛЕМАТИЧЕН“ и „ВЕШТАЧКИ“ ?? Како што знаеме, денес, во листата на ОН и Советот на Европа со право фигурираат и храватскиот и црно-горскиот јазик и никој не ги оспорува, па ни Република Србија , зошто се работи за елемент на правото на самоопределување на секој народ.

Тажно , па и морбидно е по толку многу вредни книги на македонски јазик, по дузина книги од македонски автори преведени на светски и други јазици, по светската слава на една од најпрестижните поетски манифестации „ Струшките вечери на поезијата“, по многу слависти- македонисти ширум светот, бројни отворени и за жал запоставени и затворени лекторати, политичари и бирократи од соседната држава да ни диктираат како да ни се вика ЈАЗИКОТ, небаре сега се појавува!

Па, кои се оние Македонци и нивниот македонски јазик , забележан(и) во американските и канадските пописи уште од 1897? На кој јазик беше отпечатен Букварот/АБЕЦЕДАРОТ во 1925 година во Грција и за кои деца, ако не за македончињата?

Ја помните ли прочуената сцена кога г-дин Васкопулос и го предаде Абецедарот на г-га Дора Бакојани на конференција на ОБСЕ??? На кој јазик зборуваа нашите баби и дедовци, мајки и татковци, на кој јазик учевме ние и учат нашите деца?

Во „надминувањето“ на разликите за името на достоинствен начин, „првата“ и „втората“ страна мора да признаат/обзнанат дека Античка Македонија не е ничие ексклузивно право, туку е цивилизациско културно наследство, дека Република Македонија не е Античка Македонија, како што ни модерна Грција не е Античка.

Ниту е проблем, ниту е непознат феномен истоименоста на различни ентитети: од Република Ирска и Северна Ирска, преку Бретања и Британија, државата Луксембург и истоимената белгиска провинција, до САД и Јужна Америка….. Ама, денес , ниту има друга држава Македонија, ниту некој друг народ се нарекува „ македонски“, ниту има друг македонски јазик, освен нашиов.

На ова укажаа, на 9. 03. 2006 година, 56 ГРЧКИ ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ, главно левоориентирани , како и универзитетски професори во Петицијата објавена во „Елефтеротипија“ со која изјавуваат дека ќе не ословуваат под уставното име, како наше „ ЕДИНСТВЕНО, ЛЕГИТИМНО И ВИСТИНСКО ИМЕ“!!

Уште нешто. Во „ пакетот“ за името влегува и предлогот, во рамките на erga omnes употребата, НОВОТО ИМЕ да важи и за 137 –те држави,небаре тие не признаа под уставното име заради љубов, или моќ, а не заради вербата и почитта на Повелбата на ОН.

Некој сака и она малку меѓународно право што остана во ОН да го згази.

Најголем СРАМ НА XXI век и на ООН ке биде, Советот за безбедност да бара од 137 држави, кои не признале под нашето име, да посегнат по „ (ре)признавање“ под НОВО ИМЕ ( непознат феномен во дипломатското право), кршејќи ги одредбите од ПОВЕЛБАТА на кои се повикале при сопствениот влез.

Врвен мазохизам и кршење на меѓународното право ќе биде (билатералните договори не може да воспоставуваат обврски за трета страна) од нас да се бара „НИЕ“, наместо да им бидеме благодарни за почитување на начелото на еднаквоста на сите членки на ОН , да бараме/ „да ги замолиме“ 137-те држави да заборават на Повелбата и на претходното признавање , зошто само така и тогаш ќе може да влеземе во НАТО и да ги почнеме преговори со ЕУ!! Како може ние кои се повикуваме на Повелбата да повикуваме на нејзино кршење.

Зарем не е државен и национален суицид сами да бараме да не не викаат така како што се викаме, туку така како што Грција, Нимиц и неколку моќни држави (меѓународна заедница!) сметаат дека треба да се викаме, во името на „добрососедските“ односи и евроинтеграцијата. Кој добар сосед се меша во вашите приватни работи?

Зарем не е правно- логичен и џентлеменски резонот на британските лордови за нашот влез во НАТО без условување со решение за името?

ЕУ е вредносно втемелена заедница. Како таква, таа не смее да се однесува евромандарински (Weiller). Преговорите под притисок и уцена не се преговори,туку диктат, заради нерамноправниот статус на оние внатре и оние надвор, кои тргнале кон ЕУ. „Спорот“ за НАШЕТО со Грција нема врска со евроинтреграцискиот капацитет. Тој, ниту ги влоши, ниту неговото евентуално решение ќе ги подобри реалните грчко-македонски односи. Која е логиката да го подржите кандидатскиот статус на Република Македонија, а да го кочите почетокот на преговорите ?

Која е логиката да прифатите привремено име во меѓународните односи( иако со Резолуцијата 817 ова важи само за односите во ОН) за да можете да се интегрирате во меѓународните организации, асоцијации и заедници, а ова да не важи за НАТО и ЕУ? Која е логиката еднаш да изјавувате дека „ името не е проблем на НАТО ( изјава на Крег Ретклиф , портпарол на НАТО во Р. Македонија во 2002 год), а во 2006 да поставите услов: прво решете го спорот за името, а потем ќе влезете во НАТО).

Не можам , а да не го споменам прагматизмот, но и цинизмот и хипокризијата на оние земји што не признаа под уставното име, а потем изјавуваа(т) дека ќе прифат било кое име што ќе го договориме со Грција!!

Да се вратам на насловот : фиромизација, македониџизација, демакедонизација..
Ги помнам протестите со јасни и духовити пораки: не ме ФИРОМИЗИРАЈ!! Зошто сега нема протести под мото: не ме македониџизирај???

Дури и ако некој решил да не МАКЕДОНИЏИЗИРА, НИЕ немаме право да ги ДЕМАКЕДОНИЗИРАМЕ генерациите пред нас и по нас, прифаќајќи предлози кои што странец не може ниту да ги прочита, ниту да ги изговори… Не смееме од „БИВША“ држава ( име што ние не го користевме и не моравме да го користиме)да станеме НИКОЈА и НИЧИЈА ЗЕМЈА / TERRA INCOGNITA

Не говорам за XIX век, туку за XXI век. СРЕДЕ ЕВРОПА, при постојни ОН, СОВЕТ НА ЕВРОПА, СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА, МЕЃУНАРОДЕН СУД НА ПРАВДАТА…
О TEMPORA, O MORES!!!

ГОРДАНА СИЉАНОВСКА- ДАВКОВА

П. С Топло Ви ја препорачувам книгата „ Спорот за името“, Грција и Македонија, чии редактори се Светомир Шкариќ, Димитар Апасиев и Владимир Патчев, произлезена од одличен студентски проект. Ќе се соочите со умни анализи и луцидни прашања, со видувања и одговори на многу важни личности, со ставови што радуваат и разочаруваат со (не)постојаноста.

Целата анализа на овој линк