Иако по поразот од Работнички во дербито од Првата кошаркарска лига Алексадар Тодоров соопшти дека ја презема одговорноста за загубената градска битка, нема потврда од Аеродром дека тој ќе си замине од клупата на првакот. Како сега стојат работите Тодоров ќе го води синиот тим и в недела против Морнар што ќе значи уште една шанса за човекот кој ја освои и донесе првата титула во Јане Сандански што веројатно му е кредит. Но колку и да е тој долгорочен, а Тодоров ја има поддршката и од дел од спонзорите, навивачите се непомирливи, резигнирани, па и делумно опасни и непресметливи, што го потврди влегувањето на фан на МЗТ по поразот од најлутиот ривал во соблекувалната на Аеродромци.
Во меѓувреме на големо се говори за можните опции, но ниедна сериозна не е од домашно „производство“. МЗТ во моментов бара или попрецизно се интересира за тренер од регионот (Арсиќ, Пипан, Мулаомеровиќ). Шпекулациите дека Јорданчо Давитков е можен кандидат за клупата на МЗТ Скопје, колку и да делува како реално решение е практично „невозможна мисија“ со оглед на непомирливиот и долго граден однос на најверните навивачи на клубот од Аеродром кон нашиот сегашен селектор кој вчера остана без ангажман во Банија од Абу Даби.

Оставете коментар