Сите сценарија за отсуството од јавноста на министерот Никола Димитров

Точно 18 денови поминаа од последниот јавен настап на македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров.

За последен пат тој на 19 декември минатата година се појави во јавноста кога во Скопје учествуваше на средбата на советодавната група – Балкан во Европа (BiEPAG) на тема “Нов Македонски Момент” која ја водеше професорот Флоријан Бибер.

Од тогаш Димитров го снема во јавноста, не беше присутен со честитка за католичкиот/протестантски Божик, ниту за Нова година ниту пак за православниот бадник и Божик.

Додека неговиот колега Коѕиас секојдневно е присутен на медиумите и социјалните мрежи и упорно ја промовира грчката позиција во спорот за името, Никола Димитров го нема никаде.

Од Македонската страна неговата работа како шеф на дипломатијата во моментов ја води премиерот Заев кој што дава интервјуа за грчки медиуми, беше во Солун на средба со градоначалникот Бутарис и секој ден дава изјави или интервјуа поврзани со надворешната политика и прашањето за името, што е пред се во надележност на Димитров.

За многумина е изненадување и тоа што наместо Димитров на средба со Коѕиас во вторник во Атина патува вицепремиерот Бујар Османи кој што како одговорен за европските интеграции во владата има ингеренции во надворешната политика и односите со соседите но тој сепак со средбата го отвора прашањето зошто со грчкиот колега не се среќава Димитров кој како екс преговарач за името има и знаење и искуство за оваа критична и клучна тема.

Во отсуство на официјално образложение на МНР за одсуството на Димитров од јавната сцена која што деновиве е преполна со името како негова главна преокупација од кога стана министер, во оптек се три сценарија за неговото поведение.

Според првото сценарио тој е на подолг одмор и сакал да помине повеќе време со неговото семејство откако 7 месеци беше постојано на пат или зафатен со активности како министер. Ова е логично сценарио само доколку Македонија беше членка на ЕУ и НАТО а не се наоѓаше во критични моменти од кои што зависи дали во Јули ќе добиеме покана за влез во Алијансата и датум за преговори со ЕУ.

Второто сценарио е дека Димитров свесно го одстапил просторот за премиерот Заев и вицепремиерот Османи со цел да не биде во иднина поврзан со промена на името и промена во идентитетскиот корпус прашања, односно да се дистанцира од сите штетни последици на евентуалната промена на името, уставот и прифаќање на нов идентитет во смисла на нација и јазик (Новомакедонци, новомакедонски јазик).

Третото сценарио кое што е исто така можно е дека меѓу Димитров и премиерот Заев дошло до судир по кој што Димитров апстинира од јавна политика. Димитров во неколку наврати порача дека доколку во преговорите за името стане збор за идентитетот тој нема да прифати таква разврска на настаните. Дел од неговите соработници во МНР пренесувале информации дека министерот е разочаран од развојот на настаните и дека сите опции за негова иднина како министер се во игра.

Четвртото сценарио е во доменот на чиста шпекулација но ако се земата предвид сите расположиви информации и тоа не е невозможно. Според ова сценарио, додека Заев и Османи ја дефокусираат јавноста, Димитров заедно со грчката страна и македонските западни партнери далеку од јавноста води тешки преговори за пакетот кој треба да ни ја обезбедни иднината како дел од ЕУ и НАТО.

Дали некое од ова сценарија е точното или пак можеби се работи за друга причина за неговото одсуство (болест или други приватни проблеми) треба да информира институцијата која што тој ја раководи.

Македонското МНР и воопшто македонската влада се должни на граѓаните кои што ги избрале да им објасни зошто во пресудни моменти кога се одлучува за македонската иднина нивниот прв дипломат е одсутен во јавноста.

фото: МНР.гов.мк

SHARE