Силјановска-Давкова: Без потпис на претседателот, Законот – го нема

„Законот е само изгласан. Законот е закон, тогаш кога со указот ќе ги има двата потписа, бидејќи ветото значи „не дозволувам овој закон да произнесе правно дејство“, изјави професорката Гордана Силјановска-Давкова во синоќешното гостување во Ноќно студио на телевизија „Телма“, во врска со „дилемите“ кои се појавија откако претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише указот за стапување во сила на Законот за употреба на јазиците.

Силјановска-Давкова изјави дека претседателот има право „да молчи“, односно да го употреби таканареченото „џебно“ вето, бидејќи не биле испочитувани забелешките за Законот за јазиците кои ги достави до пратениците и дека немало никаква расправа по неговите забелешки, иако морале да го сторат тоа.

Професорката вели дека морало да има расправа и наведе примери од други земји да појасни дека донесување на закон не може да помине без расправа, па дури и да нема амандмани за да се поправат евентуалните недоследности на предложениот законски акт.

„Процедурата е гаранција за демократијата“, рече Силјановска-Давкова, според која прекршување имало уште во старт кога Владата го испрати предлог-законот со европско знаменце за да наведе која е таа европска директива со која се усогласувал законот, односно дека спикерот Талат Џафери морал да го врати.

Сиљановска уште додаде дека бил пропуштен и рокот од 30 дена за одржување на трето читање на законот во Собранието откако претседателот ставил вето.

Бидејќи тоа не било сторено се случува ситуација како оваа – законот да го нема, рече Силјановска-Давкова, која се огради да коментира каква би била одлуката на Уставен суд доколку биде покрената иницијатива за утврдување на уставноста на Законот за употреба на јазиците.

 

SHARE