Словенците ги плашат Раул и свежината на македонските ракометари

Првиот противник на Македонија на претстојното Европско првенство за ракометари во Хрватска, селекцијата на Словенија, стартниот дуел од групата Ц в сабота од 19:30 часот во Загреб го очекува со респект кон селекторот Раул Гонзалес и кон неговите избраници.

„Новиот македонски селектор го познаваме како тренер на Вардар. Познат е по тоа што добро ја подготвува секоја екипа, затоа Македонците, дефинитивно, ќе бидат добро подготвени за нас“, изјави заменик-капитенот Марко Безјак.

„Тие се многу опасни, особено на почетокот на турнирот, кога сè уште се многу свежи. Можеби немаат толку широк ростер како другите тимови, но седум, осум играчи се навистина добри. Опасноста може да биде токму таа нивна свежина, но ние исто така имаме свои адути. Мислам дека сме подобра репрезентација, и со првата победа можеби веќе би ги обезбедиле бодовите што ќе ги пренесеме во вториот круг“, додаде средниот бек на германски Магдебург, кој има бронзен медал од ланското Светско првенство во Франција.

 

Оставете коментар