Снимката со „Едно евро за Вицето“ во процесот против премиерот

Судијата на Кривичниот суд во Скопје Дарко Тодоровски го одби предлогот на одбраната на премиерот Зоран Заев да бидат отфрлени посебните истражни мерки на обвинителството како незаконски.

Снимките од ПИ-мерките се стекнати легално, на законски начин и тие можат да бидат дел од пистапката против премиерот, одлучи советот на Основниот суд Скопје 1 на чело со Тодоровски.

Судењето за предметот „Поткуп“ конечно почна, обвинетиот Заев треба и официјално да се изјасни за вина. Тој од Обвинителството за организиран криминал и корупција е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од 163.924 евра од бизнисменот од Струмица Иван Николов за купување градежно земјиште.

Апелациониот суд Скопје во декември, постапувајќи по жалба на одбраната, го укина решението на судијката од Основниот суд Скопје 1 Дијана Груевска Илиевска, која претходно го водеше предметот „Поткуп“ против обвинетиот Заев, да го одбие предлогот на неговите адвокати да ги издвои доказите прибавени со посебни истражни мерки.

Станува збор за снимката со струмичкиот бизнисмен, која беше објавена на Јутјуб и на неколку национални телевизии. Предметот беше вратен на повторно постапување во Основниот суд Скопје 1 кај новиот судија во предметот Дарко Тодоровски.