Советот на лидери без Мицотакис „ако Владата не се вразуми за името“

Претседателот на најголемата грчка опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, порача дека нема да присуствува на советот на лидери на партии „ако Владата не се вразуми за името на ПЈРМ“.

„Нема да одам на никаков совет на лидери на политички партии сè додека Владата не разјасни кој е нејзиниот став“, им рече тој на новинарите денеска.

Мицотакис додаде дека е нонсенс Владата да бара консензус од другите партии за ова прашање додека во исто време е вклучена во разговори зад сцената без да ги брифира другите партии и користи реторика на поделба.

„Тајната дипломатија и разделувачкиот јазик не одат заедно со националниот консензус“, нагласи тој, критикувајќи ги официјалните лица од Министерството за надворешни работи, кои го споредија ставот на Грчката црква за спорот околу името со тој на неонацистичката партија Златна зора.

Неприфатливо е, смета тој, луѓето да се етикетираат како поддржувачи на Златна зора само поради тоа што се чувствителни околу спорот за името со Македонија.

„Инвестирањето во поделбата на земјата на психолошка основа е неодговорно и опасно“, рече тој и повтори дека Нова демократија поддржува сложено име со географска одредница, која ќе ги отстрани сите иредентистички претензии од Скопје.

Во врска со учеството на претставници на Нова демократија на протестните митинзи за употребата на терминот „Македонија“ најавени за крајот од месецов во Солун, Мицотакис рече дека „секој има право да изрази мислење“, но појасни дека надворешната политика не може да се спроведува преку демонстрации.

 

Оставете коментар