Спогодбата за името е готова, Ципрас ја анализира

Нацрт спогодбата за спорот за името е подготвена, има околу 20 страници и се наоѓа во рацете на Алексис Ципрас, објави грчкиот информативен портал Иефимерида.

Според порталот, нацрт спогодбата не ги содржи само грчките позиции, туку ги зема предвид и позициите на другата страна, а откако дипломатскиот документ ќе добие зелено светло од грчката влада, ќе биде доставено до македонската страна.

– Според ексклузивни информации на Иефимерида за составување на дипломатскиот документ, потребни беа многу работни часови, додека првиот и последниот збор го имаше лично Никос Коѕијас кој во изминатиот период ги интензивираше дипломатските напори и веројатно набргу повторно ќе го посети Скопје со авион што ќе слета на веќе преименуваниот аеродром, пишува порталот.

Иефимерида коментира дека кај грчката страна постои оптимизам за постигнување договор поради поволните околности, меѓународниот интерес, но и поради тоа што актуелната влада во Скопје продолжува со постапките на добра волја и не само што ги преименуваше автопатот и аеродромот, туку отстрани еден од спомениците.
Иефимерида наведува дека дополнително и премиерот Заев, во секое негово јавно излагање ја повторува волјата на владата да направи чекори кон решение.

Сепак, според порталот, она што ја загрижува грчката страна, не е толку позицијата на Скопје земја, туку позицијата на коалицискиот партнер Панос Каменос.