Големи протести се очекуваат идната недела во Солун на кои ќе бидат отфрлени евентуалните дилеми на дел од владејачката гарнитура во Грција дека спорот со името треба да се реши на пролет, пред Самитот на НАТО во јуни.

Граѓаните на Грција се повикуваат на „спонтаниот“ протест за кој веќе е организиран транспорт од „внатрешноста“ до Солун – по цена од 4 до 8 евра – со плакати на кои се испишани паролите „Македонија е една и само гррчка“ или „Македонија значи Грција“ кои најверојатно ќе бидат видени и на протестот.

Анкета, која ја пренесува „Експрес.мк“ покажува дека дури две третини од Грците се противат на идејата терминот Македонија воопшто да стои во сложеното име за нашата земја.

Позитивен одговор дале само 23.6 проценти од анкетираните .

На линија на негирање на било каква употреба на терминот „Македонија“ во идното име на северниот грчки сосед е и помалиот коалиционен партнер во владата на Алексис Ципрас, „Независните Грци“ чиј претседател, Панос Каменос, побара одршување референдум по ова прашање.

Најголемата опозициска и моќна партија Неа Демократија, се залага за решение кое би претставувало сложено име со некаква географска или историска (северна, горна, нова) одредница пред зборот Македонија, што беше и став на владата на Костас Караманлис и на неговата „ударна тупаница“, министерката Дора Бакојани, пред Самитот на НАТО пред десет години во Букурешт кога беа поставени грчките „црвени линии“.

Лидерот на Неа Демократија, Кирјакос Мицотакис, вели дека не е проблем само името, туку и неговата употреба и отфрлањето на иредентистичките аспирации на Македонија кон територијата и историјата на, според него, историсдката Македонија која била – грчка.

Грчките политичари и медиуми секојдневно ја бомбардираат сопствената јавност, но и оваа во земјава, со изјави во кои директно или заобиколено го отфрлаат терминот Македонија од идното име.

За разлика од Грција, огромното мнозинство Македонци се противат воопшто на идејата за промена на уставното име.

Се наметнува прашањето дали двете влади, и оваа во Скопје и онаа во Атина, евентуалниот договор за решавање на деценискиот проблем би се обиделе да го протуркаат без референдуми како што предлагаа парламентарниот спикер Џафери или министерот за евроинтеграции, Бујар Османи, кој во една изјава побара да не се обременувал процесот со прашања за референдуми.