Срамежливо почнаа прашања за здравјето на затворениот Темелко

„За Темелко се’ до оваа вест ништо не прочитав. Ако човекот е во толку лоша состојба, ова е тортура. Има ли потреба од садизам ако има вистински институции и правда?“, напиша професорката Катерина Колозова на Фејсбук.

Неделава на средбата меѓу претседателирте на Албанија и на Македонија, Илир Мета и Ѓорѓе Иванов  во Скопје, станало збор и за градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко кој се наоѓа во притвор, а Иванов искажал загриженост за неговата здравствената состојбаодносно дека ѝ пренел на владата стравување дали Темелко ќе го преживее овој судски процес.

И албанскиот претседател Мета ја искажа загриженоста за Темелко, бидејќи станувало збор за државјанин на Албанија.

„Секој државјанин треба да ги почитува законите на државата чиј државјанин е. Во случајот со Темелко е што тој има државјанство и на Република Македонија и на Република Албанија. Ја искажав мојата загриженост и на оваа средба и на средбата порано со Џафери. Се работи за јавна личност, за градоначалник на општина, но и за лице кое има лоша здравствена состојба“, рече Мета.

Македонско друштво „Илинден“ од Тирана и неговиот огранок од Голо Брдо побара ослободување на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.

Преку заедничкото соопштение потпишано од претседателите Никола Ѓурѓај и Или Халилај бараат „итно ослободување и апелираат до македонските институции итно да ги преземат сите потребни чекори за да помогнат да се дозволи потребната лекарска нега за Едмонд Темелко“.

„Држењето во затвор на Едмонд Темелко го оценуваме за антимакедонско и со долгорочни последици по положбата и правата на Македонците во Република Албанија“, се вели во соопштението.

Вчера реагираа ВМРО-ДПМНЕ и Обединета македонска дијаспора (ОМД).