Србија до Македонија: Утре договор за брашното или контрамерки

Ако утре во Скопје не се најде решение за увозот во Македонија на српско брашно, Србија веднаш ќе почне да применува контрамерки, најави потпретседателот на српската Влада и министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љаиќ.

„Со вонцарински бариери апсолутно ништо не се постигнува. Губат сите. Трпат, пред сè, стопанствениците, а штета трпат и нашите билатерални односи“, изјави Љаиќ за државната новинска агенција Танјуг пред утрешната средба со македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Според српскиот министер, ситуацијата е „многу проста“ и станува збор за „млинарско лоби“ во Македонија, кое е виновник за сегашниот проблем меѓу Скопје и Белград.

„Имаме три големи млинари со големо влијание врз сите влади во Македонија под притисок да издејствуваат воведување вакви бариери сè додека не го продадат своето брашно“, објаснува Љаиќ, додавајќи дека Македонија секако мора да увезува брашно бидејќи нема доволно од сопственото производство.

Србија, вели тој, има право на контрамерки според правилата на Светска трговска организација (СТО), а не го крши договорот со ЦЕФТА.

„Ништо не сме направиле ако в година се соочиме со сличен проблем, бидејќи македонската страна само беше креативна во барањето модалитети за вонцарински бариери, а ние сакаме да обезбедиме слободен проток на стоката и во едниот, и во другиот правец, како и да го зголемиме обемот на размената од 767 милиони евра“, изјави Љаиќ.