Среќни ли сте сега? – Колумна на Роберт Димитриевски

Прашањето од насловот им е наменето на сите оние што во еден од најтрауматичните денови во современата македонска историја нескриено ликуваа за силувањето на демократијата во тоа што некогаш беше Собрание на Република Македонија.

Уште еднаш, „господа“ – среќни ли сте сега? Си го задоволивте ли егото додека пред целата македонска јавност, а богами и пред светската, го репризиравте октроирањето на Талат Џафери во фотелјата на спикерот на законодавниот дом со дежави „игранка“ при насилното исполнување на коалициската беса со Законот за јазици?

Мора да сте се почувствувале како големи мажишта додека му се ситевте на мнозинството од мнозинскиот народ во државава, што значи на мнозинството граѓани, кои со месеци ве предупредуваа, апелираа на вашата совест, ви укажуваа за сите можни и неможни прекршувања на уставни, законски и деловнички норми, ве преколнуваа да не го загрозувате еден од столбовите на АСНОМ – македонскиот јазик, а вие на сето тоа одговоривте со ладнокрвно, брзопотезно притискање на копчето како крадци во бегство на дофат на потерата.

Претпоставувам дека ви се остварија детските сништа кога ќе пораснете да бидете фактори во државата, некој што ќе разведрува и наоблачува, од кој ќе зависи дали сограѓаните и сонародниците, како и оваа кутра државичка сардисана од сите страни со насилници преоблечени во душегрижници и лажни доброчинители, ќе ги има или има да ги нема. Од вас да зависи. Ни од Господ, ни од народот. Од вас лично. Зошто вие сте, нели, најумните, најнапредните, најспособните и најповиканите да решавате и за нас недоделканите, назадни и патетични веачи на македонското знаме, пеачи на македонската химна, навивачи за македонските спортисти, горди на својот идентитет, јазик, традиции. Знам, за вас сето тоа е само непотребен баласт на патот по кој сте кинисале, верувајќи им на „пријателите“ однадвор дека ќе бидете рамноправни со нив и оти ептен ќе ве ценат ако, покрај вас самите, ги обезличите и сите други околу вас.

И вие, драги наши сограѓани и мили комшии од најголемата немнозинска заедница, или барем најголемиот дел од вас (тој помалиот, што можеби не се согласува со ова што се прави, никако да го видиме или чуеме), среќни ли сте сега? По сè што направија Македонците за вашите стотици илјади сонародници кога ги згрижија за време на „хуманитарната“ интервенција на НАТО во тогашна СР Југославија, по увезената војна од Косово 2001 и Рамковниот договор, по подржавувањето на Тетовски универзитет и територијалната поделба, до кај сме со планот 3-6-9 од Тиранската платформа?

Среќни ли сте сега, о вие неуморни борци за слобода, човекови права и демократија додека на најбрутален и најбезобѕирен начин ги бришете основните постулати баш на тие големи пароли што не ги вадите од уста? За вас нема ни ред, ни поредок, зошто вие сте нивното олицетворение, нели, а ние поданиците само треба да ги аминуваме вашите големи идеали додека ни фрлате трошки од трпезата на која се гоштевате и задоволно подждригнувате додека огромното мнозинство одвојува од уста за да ви ја плати армијата некадарници распослани по државните јасли.

Сигурно сте многу среќни и вие ен-џи-оа, рамо до рамо со самонаречените интелектуалци и самоумислени бардови на пишаниот збор, кои го уривавте омразениот ви режим, а сега ни да бекнете што вашите со светлосна брзина ја сечат гранката на која, покрај другите, седите и вие. Или и вам целиот универзум ви се сведува на тоа да се присламчите на државна дојка и да кркате „чорбиче за пеевче“? Кај ли ви се потомори ѓоа револуционерниот дух што го „продававте“ со маичките ала „Че Гевара“ и со песничките од рангот на „Бела чао“ додека дебилски окезени се натпреварувавте кој подалеку и повисоко ќе го вивне презервативот со боја и со примордијална егзалтација ќе го дочекавте кога ќе се рашлакаше врз државните згради и по спомениците на народот што никогаш не сте го чувствувале како свој?

Меѓу посреќните бездруго е меџународната, па да ја прашаме: како владеењето на правото во вашата идна членка што ќе ја пуштите во вашето ценето друштво тогаш кога Велика Британија ќе посака да се врати? На добар пат ли е идната Горнамакедониџа, како што ја охрабри Јункер неодамна, за да добие 168. позитивна препорака за почеток на преговори? Среќен ли си и ти Столтенберг Јенсе со ударничково исполнување и на непобараните политички критериуми за еден ден „шолдер ту шолдер“ да бомбардирате заедно некоја беспомошна недојдија што уште не се престроила според вашиот надалеку прочуен демократски тертип?

А најсреќен ќе да е креаторот на насловната страница на оној срам за новинарството што лажно се претставува како весник, кој си зеде слобода (мислиш за „Шарли Ебдо“ ја правел) со беззаба жена во години да го илустрира, ем исмее „генијалниот“ наслов „Вмровците ги покажаа забите“, со кој го најавува написот за случувањата во Парламентот околу Законот за јазици. Ако беше ова нормална држава, со функционални институции, сам ќе ја побараше госпоѓата за да ѝ плати отштета и ќе ѝ се извинеше на јавноста за бедниот обид да се биде интересен, пред да „попие“ тужба со астрономска цифра за нарушување на угледот на граѓанка со исмевање на нејзиниот физички изглед. Но, бидејќи „дојде животот“, па институциите станаа непотребни, живеј Геро. И уживај во тапкањата по рамо и во комплиментите од тие околу тебе за тоа колку си бил досетлив, ем духовит. Барем додека не се погледнеш себеси во огледало.

Среќни ли сте сега сите вие?