Српски „Спутник“ за Законот за јазиците: Ова е само почеток

Осврнувајќи се на донесувањето на Законот за употреба на јазиците во Македонија, со кој албанскиот станува втор службен на целата територија на државата, српски „Спутник“ коментира дека „ова е само почеток“.

„Законот за двојазичност, со кој албанскиот и македонскиот јазик се изедначуваат, не може да го спречи претседателот на Македонија, иако ова е увод во т.н. тврда фаза на федерализација на Македонија. Ново име за државата веќе можеби во февруари, а повик во НАТО налето“, стои во поднасловот.

„Спутник“ констатира дека со Законот за јазиците „е исполнето првото и главно барање на Албанците изнесено во т.н. Тиранска платформа, која беше услов за формирање на Владата што ја води Зоран Заев, лидер на СДСМ“.

Напомнувајќи дека Законот го донеле 69 пратеници од вкупно 120 и оти опозицискиот ВМРО-ДПМНЕ не гласал бидејќи го бојкотира Собранието, „Спутник“ очекува новото законско решение да ‘заживее’ во јуни годинава, а неговата примена граѓаните на Македонија ќе ги чини нешто повеќе од два милиона евра.

„Спутник“ е компанија составена од новинска агенција, вебстраници со вести и радиодифузен сервис, основана од новинската агенција „Росија сегодња“ контролирана од Владата на Русија, а написот за кој станува збор е од филијалата во Србија.

 

Оставете коментар