Грчката Независна балканска новинска агенција – ИБНА во Македонија го почна проектот на издавање на нов дневен весник, чија што интернет страна Независен.мк  денеска е промовирана на социјалните мрежи.

Интересен е моментот на стартување на новиот „бесплатен“ весник ѓто коинцидира со забрзаната динамика и притисок за решавање на 25 годишниот спор околу името наметнат од  – Грција.

Кон крајот на месецов ќе почне и издавањето на новиот весник, во кој веќе се ангажирани десетина македонски новинари, обзнани денеска претседателот на Самостојниот новинарски синдикат, Тамара Чаушидис.

„Под заедничко име „Независен“ ќе се обидеме да ѝ додадеме моќ на информацијата, како еден од новите медиуми што сакаат да го искачат повторно на „пиедестал“ новинарството во земјата“, пишува во уводниот текст на денеска промовираниот портал.

Главен и одговорен уредник на новиот проект е долгогодишниот новинар на „Утрински весник“ , Слободанка Јовановска, а новинарскиот тим се состои од искусни новинари од кои повеќето доаѓаат од поранешните изданија на Медиа Принт Македонија: Александра Митевска, Лејла Сабит, Горан Адамовски, Сашко Димески, а редовен колумнист ќе биде Ерол Ризаов, пренесува „Призма“

„Независен весник“ ќе  биде бесплатен и освен на македонски ќе содржи и три страни информации на англиски јазик.

Директор на фирмата регистрирана во Македонија е Никос Фрагопулос долгогодишен дописник од Скопје на атинската новинска агенција  АНА.

Сопственик на ИБНА е Спиродон Сидерис, грчки новинар и издавач кој исклучиво се бави со медиумскиот бизнис.

Ова е второ издание на ИБНА во регионов годинава, откако во февруари стартуваше весникот „Фри прес“ во Албанија.

SHARE