Судијата што одлучи за „Едно евро за Вицето“ беше изземен во „Титаник“

Судијата Дарко Тодоровски кој што вчера одлучи дека видеото снимено со ПИ- мерки во кое се гледа и слуша како премиерот Заев како градоначалник на Струмица од бизнисмен бара да му даде по едно евро на неговиот брат Вице, не е посакуван ни за ВМРО – ДПМНЕ.

Со одлуката за користење на ПИМ судијата Тодоровски создаде услови за сериозен процес во кој премиерот Заев ќе има тешка задача да го убеди судот и јавноста дека барањето за „Едно евро за Вицето“ имало друго значење освен корупција.

Заев тврди дека кога ќе се види целата снимка ќе стане јасно дека тој не е виновен и дека неговите зборови имале друго значење но од тоа што може да се види од објавената снимка навистина не може да се замисли на што точно мисли премиерот.

Одбраната на обвинетите во случајот „Титаник“ од Основниот суд Скопје 1 лани во јули побара судијата Дарко Тодоровски, кој одлучувал по овој предмет, да биде изземен затоа што против него имало постапка за разрешување од судска функција.

„Имајќи во предвид дека за судијата Дарко Тодоровски е поведена постапка за разрешување од судската функција на барање на Советот за утврдување на факти пред Судскиот совет на Република Македонија, бараме да се иззме од одлучување на советите на Основниот суд Скопје 1, кои одлучуваат по предлозите за определување на мерки за обезбедување на присуство и мерки за претпазливост, поднесени од страна на СЈО, поради постоење на околности за негова пристрасност и необјективност заради несовесност во вршењето на судиската функција утврдено од надлежниот орган“, пишуваше тогаш во барањето на одбраната до претседателот на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев.

Подоцна Тодоровски,иако за судот и јавноста не беше јасно како одбраната дознала за неговото име, беше изземен од Титаник и на негово место беше поставен судијата Марин Станевски.

Случајот „Титаник“ кој е најобемен од сите процеси кои ги водеше СЈО беше поделен во три обвиненија со над 30 обвинети, а во него се бараше притвор за голем дел од раководните лица на ВМРО-ДПМНЕ.