Табли кон скопскиот аеродром на три јазика, меѓу кои и на албански!

Loading...

Табли со натпис на три јазика – македонски, албански и англиски, осамнаа накај новоименуваниот Меѓународен аеродром „Скопје“, откако со одлука на Владата беше отстрането името „Александар Велики“ како гест на добра волја кон Грција.

Порталот „Фактор“ објавува дека таблите биле поставени во согласност со законските прописи, не наведувајќи кои, иако Законот за употреба на јазиците, со кој се предвидува албанскиот да биде службен на целата територија на државата, заглави и не го помина третото читање во Собрание.

„Албанската јавност во Македонија беше нетрпелива да се испочитуваат правилата од двојазичноста откако беа отстранети сообраќајните табли со старото име на аеродромот и потоа беа поставени нови табли кои го прикажуваат ‘Меѓународниот аеродром Скопје“, претходно познат како ‘Александар Велики’. Сега, согласно законските прописи, поставени се и двојазичните табли, на кои покрај на македонски и на албански јазик е испишано новото име на скопскиот аеродром ‘Aeroporti Ndërkombëtar Shkup’“, пишува порталот.

Останува нејасно според кој закон може да се постави тријазична табла во близина на граничен премин (и таква функција имаат меѓународните аеродроми како скопскиот), каде што покрај македонскиот јазик се употребува и англиски. Досегашните сообраќајни табли за аеродромот во Скопје беа испишани на македонски, на англиски и на француски.

Неодамна беа заменети и сообраќајните табли со името „Пријателство“ на преименуваниот автопат од Табановце до Богородица, кој дотогаш се викаше „Александар Македонски“, а новите табли се на македонски и на англиски јазик.