Талески: Ако ги послушавме советите на Раул, ќе беше подобро

Loading...

Клучот на дебаклот против европскиот вицепрвак Филип Талески го бара во тоа што тој и неговите соиграчи од македонската ракометна репрезентација не ги послушале советите од селекторот Раул Гонзалес пред дуелот со Шпанија на стартот од втората фаза на Европското првенство во Хрватска.

„Се виде дека ни е од голема важност што го немавме во игра лидерот на нашата екипа. Тој пех и лошото отворање пресудија, бидејќи потоа се што правевме беше залудно. Постојано бркавме разлика, која беше недостижна, многу подарени топки во раце, па во второто полувреме беше само формалност. Ние не го покажавме најдоброто, не останавме на советите што ни ги даде Раул, на тактиката што ја постави. Ако го послушавме, ќе беше подобро. Има уште шанси, но ако сакаме повеќе, ќе мораме да ги добиеме следните натпревари со Чешка и со Данска. Ќе биде многу тешко, бидејќи во два дена ќе треба да одиграме два меча, за што се потребни натчовечки напори“, изјави левиот бек на „црвено-жолтите“ по поразот од 31:20 во Вараждин.

Од прва пред почетокот на вториот круг, Македонија падна на четвртото место со три бода, еден помалку од Шпанија и од Германија веднаш пред неа, а на врвот е Данска со шест. Зад Македонија се Чешка со два бода и Словенија со еден.