Татнежот на големо – албанските тапани се слуша до Германија

Моменталната ситуација изискува изборите на Косово да вродат со смирена и одговорна политика. Наместо тоа татнат големоалбанските тапани, пишува за Дојче Веле, Јохана Дајмел од Друштвото за југоисточна Европа во Минхен .

Татнат големоалбански тапани

Се игнорираа апелите на меѓународната заедница да не се предлагаат кандидати против кои е покренато обвинение. Во очите на многу Косовци овие апели сигурно изгледаат речиси цинично. Имено, не само  Косово туку и меѓународната заедница со себе влече опашка со грешки и замижувања. Со години во најмала рака премолчено се толерира старата политичка гарда од која повторно се регрутираат кандидати и лидери на кои им се припишува криминално минато- на пример, во Демократската партија на Косово на Хашим Тачи, Алијансата за иднина на Косово на Рамуш Харадинај или на партијата Нисма на Фатмир Лимај.

Каков е резултатот? На политичката сцена  и натаму доминираат поранешните борци на ОВК, кои се под сомнение дека сториле воени злосторства или оти се вмешани во криминални дејствија. Корупцијата, непотизмот и организираниот криминал се дел од (политичкото) секојдневието и 9 години по прогласувањето на независност. Против членовите на „Самоопределување“ меѓу кои е и Албин Курти се покренати кривични пријави поради напад во Парламентот.

Сепак постои јадро на нови партии: „Алтернатива“, која ја основаа Мимоза Кусари Лила и Илир Деда, за првпат излегува на избори. Партијата е премлада за да има јасен профил па се здружи во изборна коалиција со Демократскиот сојуз на Косово на премиерот во заминување Иса Мустафа и со Алијансата за ново Косово на милионерот Беџет Пацоли.

„Самоопределување“, додуша, не е толку млада партија, но има константен избиречки потенцијал и политичари како што е градоначалникот на Приштина Шпенд Ахмети, кои би можеле да ја изведат партијата од аголот на националистички протести. Околу 120.000 млади луѓе ќе гласаат за првпат и тоа би можело да доведе до итно потребните нови конфигурации на политички план.

Südosteuropa Gesellschaft, Johanna Deimel (Südosteuropa Gesellschaft)Јохана Дајмел

И меѓу српските партии нешто малку се менува. „Српската листа“ опфаќа кандидати кои се на Косово целосно непознати и се очигледно фигури зависни од Белград. Но, косовските Срби почнуваат да се еманципираат од Белград, а тоа е добар знак.

Згора на тоа, изборите се одржуваат во променета геополитичка рамка, која бара смирена и одговорна политика. Наместо тоа, се повикува на Голема Албанија. а взаемните закани и вербалното ѕвечкање со оружје на Белград и Приштина ги палат црвените светилки во европските престолнини, во НАТО и во Вашингтон.

Веќе постигнатите договори, како оној за границата меѓу Косово и Црна Гора судејќи според сѐ, нема да добие неопходно мнозинство за ратификација и  спроведување ни по изборите. Речиси и да е апсурдно тоа што Рамуш Харадинај (ААК), кој изгледа ќе биде нов премиер, на граѓаните им ветува безвизен режим во рок од 3 месеца, а во исто време еден од условите за тоа- договорот за границата со Црна Гора- го прогласува мртов. Харадинај дури најави и ревизија на Бриселскиот договор. Самата помисла оти Ивица Дачиќ, кој можеби ќе стане премиер на Србија, и Рамуш Харадинај треба да се сретнат и да водат конструктивен дијалог во Брисел, веќе носи непреспиени ноќи. Со тоа многу се намалува шансата петте членки на ЕУ кои не го признаа Косово на крајот тоа и да го сторат.

Можеби новиот Специјален суд за воени злосторства на Косово, кој набрзо ќе започне со работа, ќе помогне земјата да се соочи со минатото и да се заврти кон иднината?

Постојат многу шпекулации дека меѓу обвинетите ќе има и политички лидери. Можеби и поради тоа претседателот на Косово, Хашим Тачи, лансираше во суштина добра идеја за основање Комисија за вистина и помирување. Останува прашањето дали нејзина цел навистина ќе биде соочување со минатото или би требало да го сочува Тачи од процес пред новооснованиот суд. Собирањето докази оди сѐ потешко. Токму неодамна храбрата новинарка Сербезе Хаџиај во еден текст опиша до која мерка е во опасност животот на сведоците, кои сведочеле или ќе сведочат против поранешните припадници на ОВК.

На Косово е потребна токму храброст да се критикува лошата состојба. Загрижувачки се сиромаштијата и недостатокот на преспектива за младите. Исполнета е само малку повеќе од една чевртина од критерумите од Договорот за стабилизација и асоцијација. Нема работни места, образовните стандарди се застарени, а здравствената заштита е катастрофална. Ако ги погледнеме резултатите од анкетите, овие парламентарни избори и новата влада нема да ги решат овие проблеми. Тие дополнително ќе ги заострат. Така воопшто не изгледа нов почеток.

Др. Јохана Дајмел е заменик-директорка на Друштвото за југоисточна Европа од Минхен

SHARE