Тајните пораки на британските лордови до Македонија – колумна на Горан Момироски

Документот од британскиот Горен дом односно на комисијата за надворешни работи на ова британско парламентарно тело од декември 2017 година ни дава подетална прегледност на битката која што се води во позадина на спорот за името, битка која што според информацијата од Лондон е поголема од решението на спорот меѓу Македонија и Грција.

Во документот насловен како „Обединетото кралство и иднината на земјите од Западен Балкан“, во еден дел јасно се вели: „Владата треба да ги поддржи мерките за да и помогне на ‘Македонија’ да влезе во НАТО, со или без решение за прашањето за името“.

Со ваквата позиција влијателната комисија на Домот на лордовите внесе нова перспектива на грчко – македонските односи и открива зошто Грција влезе во обид за решение иако тоа е самоубиствено за нејзината влада на 14 месеци пред изборната кампања. Со информацијата станува појасно зошто по долги години за прв пат еден грчки премиер имаше директно обраќање до јавноста ексклузивно на тема проблемот со името.

Практично британските лордови укажуваат на можноста Ципрас со решавањето на спорот да загуби некој поен кај домашната јавност но со негово нерешавање согласно старите грчки позиции да претрпи уште поголем пораз и дома и во светот.

Премиерот Ципрас во моментот кога се обрати до нацијата на 27 јануари зад себе имаше средби со грчките политички лидери, знаеше што се во Давос на средба со него прифатил македонскиот колега Зоран Заев но ги знаел и ставот на британскиот горен дом по однос на македонскиот прием во НАТО дури и со нерешено име.

Ципрас неколку недели предходно преку моќната грчка дипломатска мрежа го знаел расположението на Лондон за Македонија во НАТО а грчки извори брифираат дека не е само Британија важна за неговата драматична порака до јавноста за спорот за името.

Ципрас знае дека за разлика од Букурешт сега на своја страна ја нема Француската влада која што практично ја истурка позицијата на НАТО во 2008 а ги нема ниту Шпанија и Португалија.

Покрај Франција во чија влада и поретседаателска палата нема грчки луѓе, ниту Париз веќе продава вредно оружје на Атина, во јули на самитот во Брисел, Ципрас ќе ја нема ниту поддршката од Мадрид без разлика на вековните крвни врски меѓу шпанското и грчкото кралско семејство.

Како што покажа во случајот со Косово кое практично го истурка од групата ЗБ6 а која поради Шпанија е избришана од стратегијата на ЕУ за регионот, Мадрид во иднина ќе внимава кому и како ќе дава поддршка. Водејќи се од своите внатрешни интереси пред се од настаните во Каталонија и Баскија, Шпанија ни случајно не сака да се доведе во ситуација еден ден поради својата симпатија за Грција, да одлучува за сецесија на Албанците во Македонија доколку земјата не стане членка на НАТО.

Откако со информацијата од Лондон станува јасно дека Ципрас во Јули ќе остане и без Бугарија и ќе мора сам да ја блокира Македонија во НАТО а во тој процес ќе се соочи со невиден притисок, јасно е и зошто тој од грчкиот народ побара реализам.

„Нерешавањето и губењето на шансата за решение на името ќе биде на штета и на Грција и на стабилноста на регионот. Не е случајно што овие 25 години повеќето членки на ООН ја признале земјата под уставното име, а Македонија е содржана и во привремената референца. Затоа е потребна патриотска подготвеност да се постигне најдобро можно решение, но не е време, а тоа Грците го научија на потежок начин, за националистички изливи и фанатизам“, рече Ципрас во телевизиското обраќање и повика на мудрост, умереност и реализам.

Во документот на британскиот Горен Дом, Лондон се залага за вклучување на Македонија во воената алијанса, без оглед на решение за спорот со името со Грција. Притоа се поздравува и помошта на британската влада за Босна и Херцеговина и за Македонија, со нагласување дека пристапот на овие две земји во НАТО ќе го зајакне мирот и стабилноста во регионот на Западен Балкан.

Комисијата за надворешни работи на Горниот дом во Лондон која ја подготвила информацијата за Македонија е составена од 11 пратеници, по 5 од Конзервативците и опозициските Лабуристи и 1 пратеник од Шкотската Национална Партија.

Претседател на комисијата е Томас Тагенхат, поранашен припадник на британската армија и силен поддржувач на проширување на НАТО.

Тагенхат кој важи за силен поддржувач на НАТО и сојузништво со САД во јануари остро го критикуваше американскиот претседател Трамп откако тој ја откажа посетата на Лондон.

„Голема штета. САД е еден од нашите најблиски сојузници но сојузништвото не се базира на тоа кој живее во Белата Куќа или во Даунинг Стрит 10 туку на споделени вредности, заеднички интереси и апсолутна обврска кон меѓународниот систем базиран на правила кој што го имаме во последниве 70 годинни преку НАТО, ОН и разни други организации низ светот“, изјави на 11 јануари Хагенхат. Предходно Трамп незадоволен од тоа што администрацијата на Обама ја продала старата амбасада на САД и изградила нова за 1,2 милијарди долари, ја откажа посетата на Лондон.

Горниот дом на Британскиот парламент или Домот на Лордовите во моментов има 793 членови и тие за разлика од пратениците од Долниот Дом не се избираат на избори туку позицијата ја добиваат со наследство или именување по заслуги.

За својата работа не добиваат плата туку само дневни трошоци кои што не се оданочуваат. Сепак со оглед на британската традиција тие се сериозен коректор на владата и Долниот дом на парламентот не само во надворешната политика туку за сите други политички и економски прашања.

Оставете коментар