Тендерот за „фигаро“ за радовишкиот градоначалник е подметнат

Градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, тврди дека не знаел за јавната набавка за која се смее цела Македонија и за која е извесно дека бил искаран од врвот на својата партија за нарушување на нејзиниот имиџ.

Конзулов, вообичаено за вакви пригоди кога политичар е фатен во незгодна ситуација, вели дека тендерот на Општина Радовиш за набавка на 45 фигара како подароци за вработените жени во локалната самоуправа му бил подметнат. Градоначалникот тврди дека тендерот бил распишан без тој да знае за него.

„Тендерот е распишан без мое знаење за што ќе барам одговорност од вработените во одделението за јавни набавки. Можам да ве информирам дека за денот на жената 8 Март, триесетина наши службенички, но и од општина Конче ќе одат на дводневна екскурзија во Мелник, Бугарија. Оваа екскурзија не ја плаќаме со општински пари, туку со пари од рудникот Бучим, кој ни обезбеди спонзорство“, вели Конзулов.

По критиките од јавноста, градоначалникот на Радовиш го поништи тендерот вреден 43 илјади денари.

„Поради непредвидени и објективни околности се промениле потребите на државниот орган и поради тоа јавната набавка се поништува“, се вели во образложението на Бирото за јавни набавки.