Џон Болтон, поранешен амбасадор на САД во Обединети нации, од 9 април ќе биде нов советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, а за нас е интересен по изјавата од февруари 2008 година дека независноста на Косово е закана за стабилноста и на Македонија поради албанското население!

„Не мислам дека е економски изводливо. Мислам дека неговата нестабилност ризикува да привлече исламски екстремисти од целиот свет. Мислам дека мешавината на Балканот, всушност, има тенденција да ги дестабилизира другите земји, како што се Црна Гора и Македонија, кои исто така имаат и албанско население. Значи, ова е крајниот резултат на многу работи во врска со поранешна Југославија и мислам дека мораме да стигнеме до точка каде што обидот за издвојување на нови земји навистина се заканува да го влоши ризикот од нестабилност“, изјави Болтон во предвечерјето на прогласувањето независност од Косово, која набрзо ја призна и Македонија, и тоа истовремено со Црна Гора!

 

 

 

Наспроти тогашната администрација во Вашингтон, Болтон тогаш рече дека не им препорачува на земјите во регионот да го признаат Косово, „бидејќи во прашање е заштитата на суштинскиот концепт луѓето од различно етничко потекло да живеат заедно во рамките на границите на хетерогени држави“.

Болтон ја критикуваше еднострано прогласената независност на Косово и по нејзиното операционализирање со одлуката на косовското Собрание на 17 февруари 2018 година, одново допирајќи ја Македонија и без да ја спомене.

„Откако прашањето за статусот на Косово се реши на начин што беше спротивен на волјата на Белград, па и на други сили, како Русија и Кина, нема сомнение дека со текот на времето тој локален проблем би можел да доведе до поголема напнатост во односите меѓу Вашингтон и Москва, а потенцијално и во други земји, што не е во ничиј интерес“, изјави тој.

Џон Болтон (69) беше дел од администрацијата уште во времето на претседателот Роналд Реган, а високи функции извршуваше и додека претседателствуваа таткото и синот Буш. Амбасадор на САД во ОН беше од август 2005 до декември 2006 година, а поради неговите критики на светската роганизација тогаш „Економист“ го опиша како најконтроверзниот амбасадор што Соединетите држави некогаш го испратиле на Ист Ривер. Беше еден од најгласните заговорници за инвазијата врз Ирак во 2003 година, а тоа го бара(ше) и за Иран и за Северна Кореја.

Болтон ќе биде третиот советник за национална безбедност на Трамп во овие 14 месеци откога е на функцијата сегашниот претседател на САД, доаѓајќи на местото на Хенри Рејмонд Мекмастер.