Глобална коалиција против корупција, позната како „Транспаренси интернешенел“, во својот најнов ранкинг ја позиционира Македонија како неславен лидер во регионот.

Според индексот на перцепција на корупцијата за 2017 година, Македонија го дели 107. место со Ерменија, со Етиопија и со Виетнам меѓу 180 држави во светот. Македонија доби 35 поени, при што нула на скалата означува висок степен на корупција, а 100 отсуство на корупција. Во споредба со 2016 година, таа има два поена помалку, а падот е уште поизразен кога ќе се компарира со 2015 година (42 поени), со 2014. (45), со 2013. (44) и со 2012. (43.).

Пред Македонија се сите земји во регионот, каде што најдобро стои Словенија, која е на 34. место во светот. Хрватска е 57., Грција 59., Црна Гора 64., Бугарија 71., Србија 77., Турција 81. Косово 85., а Албанија и Босна и Херцеговина го делат 91. место.

Покорумпирани држави од Македонија во Европа се само Молдавија на 122. место во светот, Украина на 130. и Русија на 135.

Најмалку корумпирана држава на планетата, според „Транспаренси интернешенел“, е Нов Зеланд со 89 поени, втора е Данска со 88, а третото место го делат Финска, Норвешка и Швајцарија со по 85.

Последна е Сомалија со само девет поени.