Трајаноски: Прогласот за името е полн со лаги, интелектуалците „бу…и“

Loading...

Граѓанскиот активист Жарко Трајаноски на „Фејсбук“ прави „Проверка на факти“ во писмото потпишано од, како што самиот ги става во наводници, „200 интелектуалци“, кои бараат да не се менува името на државата. Ги чита точките во писмото и потоа ја докажува нивната неточност, при тоа понудувајќи извесни тези кои наводно го поткрепуваат неговото тврдење.

1. „Република Македонија е мирољубива членка на меѓународната заедница и нема ниту еден активен спор со ниту една држава членка на ОН.“
Не е точно. Имаме активен спор со Hellenic Republic (Грција), која е членка на ОН, а посредувач во спорот е Метју Нимиц – специјален претставник на генералниот секретар на ОН.

2. „Приемот на Република Македонија во ОН беше извршен со флагрантно кршење на Повелбата, при што на државата ѝ беа наметнати два дополнителни и згора нелегални услова – обврска во меѓународните односи да биде претставувана под референцата „БЈРМ“, како и да разговара со Грција околу разликите во врска со името.“
Не е точно дека постои обврска во меѓународните односи земјава да биде претставувана под референцата „БЈРМ“. Република Македонија нема обврска во меѓународните односи да биде претставувана под референцата „БЈРМ“, затоа што „БЈРМ“ не е референца, туку акроним. Референцата е „the former Yugoslav Republic of Macedonia“, а акронимот „FYROM“ („БЈРМ“) е грчка измислица и не е никаква обврска. Тој/таа што ќе го потпише ова се согласува со грчкиот акроним „FYROM“ („БЈРМ“).

3. „Одлучувањето за ова прашање излегува од рамките на уставот утврдените надлежности на носителите на власта. Никој, вклучително и Владата, Собранието и Претседателот на Републиката, нема уставно овластување да одлучува за промена на името, дури и ако е „само“ за меѓународна употреба.“
Практиката покажува дека и ова не е точно.
На 9.10.1995 102 пратеника гласаа за Законот за ратификација на привремената спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција склучена во Њујорк на 13 септември 1995 година. Во привремената спогодба страните се согласуваат да ги продолжат преговорите под закрила на Генералниот секретар на ОН.
Ако немало активен спор со Грција, зошто сме ја склучиле привремената спогодба? Ако е точно дека ниту владата, ниту Собранието нема уставно овластување „да одлучува за промена на името, дури и ако е „само“ за меѓународна употреба“, тогаш зошто нивните одлуки не се оспорени на Уставен суд и поништени?

4. „…в рака ја имате пресудата на Меѓународниот суд на ОН, во која експлицитно се аргументира дека ниту едно дејствие на нашата држава не е или не било иредентистичко“
Во пресудата на Меѓународниот суд на ОН нема никакви експлицитни аргументи во врска со нешто „иредентистичко“, затоа што тој збор е употребен само еднаш, и воопшто не се среќава во оние делови од пресудата во кои експлицитно аргументира судот.

5. „Да ги прекинете преговорите со посредство на Метју Нимиц и да се обратите до Генералното собрание на ОН како единствена меѓународна инстанција во која Република Македонија не е Давид наспроти моќниот Голијат, туку е рамноправна членка со сите држави кои ја признаваат под уставното име…“
Во ова барање погрешно се претпоставува (или намерно се манипулира) дека Република Македонија е примена во ОН под уставното име, а не под референцата. Ако е точно дека во ОН „Република Македонија не е Давид наспроти моќниот Голијат, туку е рамноправна членка со сите држави кои ја признаваат под уставното име…“, тогаш нашава земја немаше да биде ословувана во ОН со референцата и немаше да води преговори за името под покровителство на ОН.

Крајот на неговата аргументација е следново „Наравоучение: Пред да потпишувате што било, направете проверка на факти, за да не испаднете на крај будала!“