Трибина против „Судија п…р“ на фудбалските стадиони

Здружението за културен и медиумски активизам КВИР СКВЕР од Скопје, кое стои зад иницијативата „Фудбалот против хомофобијата“ во Македонија, ја организира првата национална тркалезна маса во земјата на тема справување со хомофобијата во фудбалот.

Целта на трибината е да разговара за проблемот со антигеј јазикот што често се користи во фудбалот.

На панел-дискусијата в понеделник на темата ќе разговараат претставници од интернационалната кампања Фудбалот против хомофобијата, Мрежата ФАРЕ, УЕФА, Фудбалската федерација на Македонија, играчи од националниот фудбалски тим, тренери, судии, ЛГБТ+ невладини организации и други кои заеднички ќе дебатираат за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат ЛГБТ+ луѓето во фудбалот.

Според Квир Сквер проблемот е присутен насекаде во фудбалот – на трибините на стадионите, на теренот, во соблекувалните.

На настанот ќе се дистрибуира прирачникот Фудбалот против хомофобијата, изработен на македонски јазик, наменет за употреба од фудбалските фанови, клубови и власти. Настанот кок започнува во понеделник во 10 часот е отворен за сите кои сакаат да присуствуваат, а заинтересираните треба да го пријават своето учество.