Фелингер: Годинава НАТО мора да се прошири, прво со Македонија

Гинтер Фелингер, претседател на организацијата Европејци за даночна реформа (ЕТР), преку „Твитер“ се заложи за брзо членство во НАТО на сите неутрални земји во Европа, давајќи ѝ приоритет на Македонија.

„Во 2018 година мораме да осигураме проширување на НАТО – прво, секако, со Македонија, но не само што имаме 12 неутралци во редот… сите европски неутралци исто така треба да му се придружат на НАТО, а сите земји што сакаат да ѝ се придружат на ЕУ – прво да влезат во НАТО“, твитна тој, за малку подоцна да конкретизира.

„НАТО треба да им даде патоказ за членство на сите европски неутралци. Австрија, Шведска, Финска, Ирска, Малта, Кипар, Србија, Македонија, Босна, Косово, Украина, Молдавија, Грузија да станат 13 нови членки до 2020 година – од 29 на 42“, допрецизира Фелингер во нов твит.

ЕТР се залага за проширување на ЕУ на 37 земји-членки до 2029 година, наведувајќи ги Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Украина, Грузија и Молдавија.