„Феноменот“ ДУИ

Пишува Орце Константин Мечев

И кога најголем дел од оние кои малку или малку повеќе се разбираат од политика очекуваа дека ДУИ ќе биде во слободен пат по изборите од декември 2016 година, неочекувано, со делумно мудра политика, убедлив национализам, но и со помош од СДСМ, партијата успеа да исплива од очигледната криза во која се наоѓаше последните неколку години, и на локалните избори да освои убедливо најголем број општини од албанските политички партии.

И покрај многубројните предвидувања дека токму овие избори ќе бидат „почетокот на крајот“ за ДУИ.

Но наместо тоа, последниве случувања со избрзаното донесување на законот за албански јазик, единствено може да го забрза паѓањето од власт на СДСМ.

Така, испаѓа, дека наместо СДСМ да го потурнеше процесот на делегитимирање на ДУИ во албанскиот блок, бидејќи нели тие врескаа на цел глас дека токму оваа партија е дел од злото наречен режим (заедно со ВМРО-ДПМНЕ), по се изгледа дека ќе се случи обратното, т.е. ДУИ, спасувајќи се самата себе си, ќе ја втурне во политичка пропаст СДСМ.

И сега, демек, ние ќе очекуваме реформи од ДУИ. Но од 2002 години, откога оваа партија речиси е постојано во власта (со исклучок од 2006 до 2008 година), едноставно воочивме дека не ги бива за реформи, освен се разбира оние тендерските.

Катастрофалните политики кои ги водеше ДУИ и башибозучкото однесување најде своја силна реакција кај албанскиот електорат, кои сите овие години ниту подобро живее, ниту имаше некаква си реална корист од владеењето на ДУИ.

Но затоа, токму политичката партијата која произлезе од воениот конфликт од 2001 години, не успеа, иако сака да се претставува како таква, да се трансформира од милитантно-националистичка формација во современ политички субјект со јасни погледи во економската, социјалната, образовната и која уште не сфера од општестевено живеење во Република Македонија.

Затоа, единствено што ДУИ може да им понуди на македонските Албанци и воопшто Македонија е, како што претходно пишав, убедлив национализам.

Зошто „убедлив“? Затоа што партијата секогаш успева да ги протурка националистичките проекти преку двете македонски партии со кои ја делела власта, притоа принудувајќи ги истите (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ), а последниве наоѓајќи се во безизлезна ситуација, да ги бранат ваквите политики, па дури и да тврдат дека се за „доброто на Македонија“.

Згора на тоа, ДУИ секогаш наоѓаше начин да ги прогласи Македонците како „националисти“, вешто прикривајќи го своето сопствено лице.
И сега мислам дека е појасно зашто ДУИ се феномен, нели? Тоа најдобро го почувствуваа и се уште го чувствуваат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но и цела Македонија!!!