Фрижидер предизвика пекол во Лондон, многу станари се водат како исчезнати

Најмалку шестмина се загинати, стотина се повредени а уште десетина се водат како исчезнати по катастрофалниот пожар што избувнал ноќеска во станбена зграда во Лондон.

Потрагата по преживеани и исчезнати по огнената катастрофа во британскиот главен град продолжува со голем интензитет. Поради пожарот беше одложено и формирањето на новата британска влада.

Портпарол на полицијата меѓутоа соопшти дека веројатно ќе има уште смртни случаи во една од најголемите огнени катастрофи кои го погодиле британскиот главен град.  Тој истакна дека работите за пронаоѓање и извлекување на преживеани или загинати во пожарот се многу „комплексни“.

Тој исто како и градоначалникот на Лондон, Садик Кан, изјави дека многу лица се водат како исчезнати. „Многу лица се водат како исчезнати. Некои најдоа засолниште кај соседи или пријатели“, рече Кан во изјавата за телевизијата Скај њуз.

Противпожарните служби претходно наведоа дека има настрадани во пожарот, но дека бројот е непознат. Службата за итна помош од друга страна соопшти оти повеќе од 76 лица се повредени и се префрлени во пет лондонски болници. Голем број од нив се наоѓаат во тешка состојба.

Градежните стручњаци на лице место изјавиле оти ја надгледуваат стабилноста на зградата и дека не постои опасност од уривање.

Над 200 пожарникари го гаснеле пожарот во зградата од 27 ката во која има околу 120 стана. За време на огнената стихија во висококатницата се одвивале драматични сцени. Очевидци за светските новински агенции изјавуваа дека виделе како луѓе паѓале или намерно се фрлале од зградата за да се спасат од пламените јазици. Пожарот во кулата Гренфел избувна околу еден часот по полноќ и сѐ уште не се знае причината.

Пожарот предизвика и политички последици. Формирањето на новата влада на Велика Британија, според наводите на веројатниот иден коалициски партнер на конзервативците на Тереза Меј, северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП) е одложено. Премиерката Тереза Меј пак истакна дека е длабоко разжалостена од трагичната загуба на животи во пожарот во кулата Гренфел.

Според првичните информации пожарот го предизвикала експлозија на расипан фрижидер а потоа огнот се проширил откако не профункционирал противпожарниот систем.

SHARE