„Писмото на интелектуалците за прекин на преговорите со Грција e крик на оштетени луѓе, квази жртви, патетична сурија со провинциски ум“.

Професорот Љубомир Фрчкоски е последен во низата т.н либерални мислители кои се нафрлија врз двестемина потпишани под повикот за внимателност и непродавање на македонските национални интереси.

По обичај, извонредно грубо, Фрчкоски освен што Ad hominem ги напаѓа, истовремено во нивниот чекор наоѓа доказ дека се, всушност, искомплексирани параноици со провинциски ум, кои бараат алиби за сопствената неспособност.

„…Не можат да бидат слободни, делотворни, еманципирани, со поглед напред и со самодоверба – бидејќи ги мразат соседите, ги оспоруваат соседите, ги отфрла и не ги разбира меѓународната заедница, малцинствата ги роварат одвнатре, либералните интелектуалци ги предаваат одвнатре. Или со речникот на оваа патетична сурија: на македонскиот народ му се подготвува и води (отсекогаш, впрочем) духовен и физички геноцид од соседите… му се копа гробница однадвор и одвнатре…). Тоа е нивниот хоризонт на мобилизација и ‘творештво’ и отсекогаш таков бил. Со тој аноректичен интелектуален ангажман не можете да аргументирате, бидејќи своите убедувања ги базираат на фантазии за конспирација, а со фантазии не можете да полемизирате (Конисберг). Идентитетот на Македонецот, кој во своите фантазии го бранат, е негативно определен: Македонецот е тој кој се чувствува негиран, поделен, омразен и згазен, а од таа перспектива онемоќен и гневен. Тој не може, бидејќи некој друг му оневозможува, но еве тој ќе крикнел и сите (ерга омнес) ќе дознаеле за неправдата кон него (јебао вас крик)! Од тој аспект, тоа во основа е и здодевна сурија“, пишува Фрчкоски.

Професорот на Правниот факултет при УКИМ продолжува нарекувајќи ги „200-тоте од Термопилите-под-Мариово“, кои сега се мобилизираале „во еден посебен паничен момент – кога на тоа држење на Македонија заложник на изолацијата, на Македонија ‘во дупка’ и на Македонецот ‘кој не може’, може да му се види крајот“.

„Кога има геостратешка шанса да се излезе од таа дупка, секако, ако се сака, ако се мобилизира граѓанството во еманципаторската насока, ако за тоа се има критичка интелектуална мобилизација и човечки материјал, секако. 200-те во Суријата се симбол на Македонија која останува назад, како талог на дното од дупката во која толку долго, предолго нацијата битисуваше. Тие не се предводник кон никаде и ништо, тие се талог кој останува. И тоа може да биде интелегенцијата, секако – талог на нацијата“, вели Фрчкоски.

Тој потсмешливо забележува дека не било вредно труд и напор на овој профил на заробен ум да му објаснуваш дека националниот интерес на Македонија е единствено можно и впрочем најефикасно да се одбрани ако се има среќа и способност да може да се направи „плетенка“ со геостратешките интереси на крупните меѓународни актери на балканската и европска сцена. Дека националните интереси ќе ги загрозиме ако останеме сами и изолирани уште еден период во иднината!

„Каков е тој ум што ова не може и не сака да го види? Кои се тоа плачипич… аргументи од Вучичевски маштап во чокајлиева интерпретација: нечемо у ЕУ ако је услов признавање Косова) „нејќеме у ЕУ разнебитени, обезличени и сл. Кој хохштаплерај во лажење и фалсификување на позиции и факти е тоа? Го грабнале и го држат јорганот -алиби кој ги покрива аноректичните интелектуални телца од можната слобода и соочување со тоа дека Македонецот може да биде слободен и неомразен можеби. Признат, а не-негиран можеби! Во тој нов момент во нашата историја ќе се соочиме конечно со тоа што можеме кога не сме оспорувани и негирани како алиби за откажување! Со тоа кои сме и што вредиме конечно сами за себе и со слободата во наши раце?
Нормално е на некој начин што 200-те од Термопилите под Мариово – во моментот кога е можен пробив, се во панична мобилизација! Сега се бара прекин на преговорите и пад во тотална изолација која ја оценуваат како доблест! Како гордост на пропаѓање – што со Лакaновски речник би бил порив на смртта (death drive) можно разнебитување – но гордо во нивните умови! Некои од нив се во карактеристична интелектуална какофонија (како што секогаш биле), па предлагаат поприфатливи имиња за државата (???) што значи не се баш за прекин туку за поприфатливи солуции за крајот на преговорите! Некои од нив предлагаат за излез други алијанси и стратешки сојузи (и јасни антиамерикански) антиевропски и анти-НАТО позиции ! Трети во таа срамна сурија предлагаат конечно во тој расплет раздружување и со Албанците, бидејќи ова била Македонија на Македонците и сега е моментот на расчистувањето и на тоа прашање во котелот на кризата која ќе се појави по евентуалниот колапс на преговорите и изолација на земјата.
Дел од нив (а тие се посебно драматични) се нудат како жртва) ја антропоморфизираат заедницата и ситуацијата во која замислуваат дека е таа: еден вели се родил во Македонја, а ќе умре демек во Не-Македонија? Поколенијата и претците (Ахх…) им ја подале – завештале Македонија – мајка да ја чуваат, а тие сега рацете им треперат пред предавството што демне да го изгубат завештанието, да немаат на децата што да им остават?“, дополнува Фрчкоски.

 

SHARE

Comments are closed.