Функционерите на ДУИ и ДПА без притвор, се чека одлука за ВМРО – ДПМНЕ

Двајцата високи функционери на ДУИ кои што беа обвинети од специјалното јавно обвинителство Ејуп Алими и Исмет Гури ќе се бранат од слобода, одлучи кривичниот суд.

Двајцата високи функционери на ДУИ беа дел од предлогот за определување мерка притвор во врска со предметот во јавноста познат како „Титаник“.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Алими  и Гури кој бил дел од изборната комисија во општина Чаир, СЈО ги гони заради основано сомнение дека сториле кривично дело – Уништување на изборен материјал.

Предходно сопартијци на Алими кој важи за еден од највлијателните членови на ДУИ во скопскиот и кумановскиот регион обвинија дека СЈО го гони за неговата бескомпромисна позиција за исполнување на „Тиранската платформа“ (Читај тука) 

Во изјава за Алсат М Алими изјави дека обвиненијата се неосновани.

„Убеден дека ова обвинение за кое дознав од медиумите нема никаква основа, но мислам дека независноста на оваа институција е најдобар начин да се докаже вината или невиноста на секој човек. Останувам во служба на правдата. Во меѓувреме очекувам да се почитува пресумпцијата на невиност, додека тоа не се потврди во судска постапка.“ – се вели во писмената изјава на Ејуп Алими.

Притвор засега нема ниту за лидерот на ДПА Мендух Тачи кој исто така се товари за прекршување на изборниот законик.

За дел од обвиненијата поднесени од СЈО и за побараните мерки притвор за останатите членови на ВМРО – ДПМНЕ судот ќе информира во текот на денот. Поради обемноста на материјалите кои морале да бидат земени предвид прекршен е законскиот рок од 24 часа во кој требаше да биде донесена одлука. Во голем дел од завршениете предмети во оваа фаза беа донесени мерки одземање на пасош, забрана за комуникација со други луѓе и обврска на обвинетите да се јавуваат редовно во судот.