Зоран Заев вложува натчовечки напори за да му ги олесни на македонскиот народ страдањата низ кои минува во тековните разговори со Грција за разликите за името, внесувајќи елементи на хумор кога и да проговори на јазик што не му е мајчин. Тамам се подзаборави легендарното дофрлување кон новинарите што го чекаа пред таверната во Солун пред Нова година, кога им посака „хев а њу јеар еврибади“ (имајте Нова година сите?), премиерот и во интервјуто за телевизијата „Јуроњуз“ го збогати англискиот јазик со досега непознатиот израз „дискасити“ (дискусија?) во изјавата што ги милува ушите на секој вистински патриот дека „деар из ноу дискасити фор ајдентити“ (нема дискусија за идентитетот?).

Нивото како во класичните зафрканции од типот „хау јес ноу (како да не), „он д фејс оф д плејс“ (на лице место), „милитари фејс“ (воено лице), „транслејт ми акрос д стрит“ (преведи ме преку улица) и слично толку им се „допадна“ на сонародниците, што го запалија интернет со коментари под снимката од интервјуто за „Јуроњуз“ во стилот: „кликнав плеј, рече дискасити и угасив“, „декларејшн, резолушн, ај донт ноу“, „она кога ќе купиш на 90 посто попуст купон за интензивен курс по англиски на Групер“ итн.

Дека „прајм министерот“ ни е полиглот можевме да се увериме и во интервјуата за медиуми од соседството, во кои „шпрехаше“ течно и бугарски, и српски/хрватски/бошњачки/црногорски. Човекот, едноставно, дава сè од себе за ние „затуцаните“ со балкански менталитет да ги надмине(ме) сите бариери, вклучувајќи ги и јазичните, на патот кон светлата евроатлантска иднина, за која, нели, нема алтернатива, па ако треба ќе прозбори и на свахили или на ујгурски. Кај и да е, и албански ќе (нè) научи, само да го протурка Законот за употреба на јазиците.

Важно е да се има желба на сите да им се објасни, па и ако нешто притоа не го разберат или погрешно го цитираат, како оние од Ројтерс, на пример, нема гајле – тука е владината пи-ар служба од одвај 40 лица (според „Макфакс“) да го дообјасни. Дал Господ и советници во кабинетот, кои сигурно горат од желба да го оправат претпоставениот. За инает на тие што мислат дека не можат.

Токму поради тоа и не се сакалдисува многу нашиот „министер президент“, па побрза да даде интервју и за „Фајненшел тајмс“, веројатно повторно на сопствената верзија на англискиот јазик. Кој разбрал – разбрал. Кој не – наскоро безбели ќе му се разјасни. До јули и самитот на НАТО сигурно ќе се знае „куд плови овај брод“.

Дотогаш не треба да се зема сериозно ама баш сè што ќе излезе од устата на првиот оперативец во државава. Покрај комичар од калибарот на Цацко во Секторот за комуникации и односи со јавноста на Владата, фината доза на англиски хумор каков што му е англискиот не може а да не биде еден од заштитните знаци на муртинецот на привремена работа во некогашните „коцки“ покрај Вардар. За сè да биде уште посмешно, не е лошо да се размисли за ангажирање и на Миле Паника, кој на сето ова би додал „и ондак то“.

П.С. Тоа што исказите погоре се напишани на македонски јазик не е – случајно. Просто, потписникот на ова писание не го владее англискиот толку добро како премиерот за да ги напише правилно (ако воопшто е можно тоа), ниту има пи-ар од најмалку 40 лица за да објаснат што всушност сакал да каже авторот.