Loading...

„Се заљубив во Македонија и во нејзините луѓе пред три години, ја обожавам таа земја, сè што е таа и што дава. Просто невозможно е да не ја засакате нивната храна, фантастичните вина, срдечниот и неверојатно гостољубив и топол народ“.

Со овие зборови Матеја Домитровиќ Сабо, хрватска новинарка и член на жирито во популарното гастрономско шоу „Еден, два, три – готви“ на телевизијата РТЛ, го сумира својот еднонеделен престој во Македонија, каде што заедно со своите колеги ги обиколиле винариите „Тиквеш“, „Бовин“ и „Камник“.

„Македонците извонредно готват и ја почитуваат својата гастрономска традиција, па тука во прв план се јадењата од зеленчук со незаобиколните, надалеку познати пиперки, меѓу кои посебно место заземаат везената пиперка, која се користи за подготовка на разни намази, а во сушен облик, мелена или толчена за разни готвени јадења. Секојн оброк тргнува со ајвар, пинџур, намаз од сушени домати, макало (намаз од пиперка и лук или само лук кој е карактеристичен за охридскиот крај), разни салати, пити, кашкавал, овча урда“, вели гастроновинарката, одушевена уште од предјадењето, за потоа да не престане со комплиментите и за главното јадење.

„Потоа следува селско месо, потпечен грав, јагнешко, месни печења и слично. Но, пред самиот почеток на јадењето се пие жолта ракија, а остатокот од јадењето го следат вина. Македонците се блескави винари, ги имаат сите услови за одгледување лозје и на тоа се целосно посветени. Нивните вина, меѓу кои секако треба да се идзвојат нивните автохтони сорти вранец и темјаника, редовно се пијат и се почитуваат во целиот свет. Винската култура навистина ја кренале на неверојатно ниво и постојано работат на квалитетот и на развојот на винскиот бизнис“, додава Матеја.

„Македонија е земја која просто ти се вовлекува под кожа, тешко е да се одвоите од сите нејзини убавини, прекрасни градови како Скопје, Охрид, Битола, а посебно од Македонците, луѓе кои престојот во оваа чудесна земја го прават уште побогат и попосебен“, го завршува новинарката својот извештај за гастропатувањето во Македонија.