Чудесно: Изведба на „Македонско девојче“ од хор во Јордан (ВИДЕО)

Една од најпознатите песни на Јонче Христовски, „Македонско девојче“, како дел од репертоарот на музичкиот ансамбл „Дозан ва автар“ од Јордан, која промовира хорска музика и иновативна изведбена уместност, беше изведена на 7 и 8 февруари во театарот во главниот град Аман.

Заслугите за тоа се на браќата Ајман и Самер Фаза, кои имаат потекло од Македонија, при што првиот го направил аранжманот и заедно со вториот, викан Крсте, им помогнале на другите членови на хорот да ја научат песната. На тој начин браќата Фаза сакале да ја слават сопствената љубов кон македонската култура, кон македонскиот народ и кон своето потекло. Песната ја посветуваат на сопственото „македонско девојче“ – нивната мајка.

„Дозан ва автар“ е водечки секуларен хор во Јордан, составен од 40 до 60 члена од оваа блискоисточна земја и од целиот свет, претставувајќи различни професии, возрасти, култури и интереси. Заедно со хоровите „Вартавар“ и „Хармонија на животот“, тие три вечери едноподруго од 6 до 8 февруари во Аман за јорданската публика изведоа широк спектар музика од регионот, како и од Алжир, Тунис, Македонија, Романија и Ерменија.

Ансамблот „Дозан ва автар“ ја доби наградата за најдобра арапска песна на Хорски фестивал на Среден Исток во Дубаи 2017, потоа златни медали во категориите фолклор и музика на духот и на верата на 9. Светски хорски игри во Сочи 2016, како и златни дипломи за сценски фолклор и за мешан хор на 8. Светски хорски игри во Рига 2014.

SHARE