Шекеринска: Членството во НАТО не зависи само од нас

Секоја држава мора да ја гарантира својата безбедност без разлика на с’е и за да стане членка на НАТО треба да даде гаранции дека внесува стабилност. Работиме и на нашата внатрешна безбедност, работиме и на членството во НАТО, одговори министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на прашањето што доколку Македонија и годинава не добие покана за членство во Алијансата.

„Нашата цел како Влада беше да ги тргнеме сите резерви околу тоа дали Македонија заслужува членство во НАТО и ЕУ. Јас сум убедена дека тоа ќе го постигнеме“, изјави министерката.

Таа дополни дека за да ја добие Македонија поканата за НАТО во јуни потребно е решение и на едно друго прашање што не зависи само од нас, а тоа е спорот што Република Грција го има со нашето уставно име.

„Преземавме обврска да направиме с’е што е во наша моќ да дојдеме до решение што ќе биде добро за двете држави. Ако не постои волја за решение, тогаш решение нема да има. Меѓутоа, многу е важно, Македонија јасно да покаже дека ние сме подготвени, работиме и сме за решение годинава, а не после 10 години. Ако тоа го направиме, тогаш и грчката Влада ќе треба да образложи зошто и самите не се подготвени да инвестираат во подобра безбедност во своето соседство“, изјави Шекеринска.