Шилегов за барањето на Ќосето од Сопиште: Може да посакаат и метро!

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов ги навреди сопиштани, одговарајќи на барањето Градот да им го даде отстранетиот споменик на Андон Лазов Јанев-Ќосето за да биде поставен на кружниот тек во општината со зборовите: „Може да посакаат и метро да имаат“.

„Општина Сопиште може да си носи автономни одлуки такви какви што сака. Може да посакаат и метро да имаат“, изјави Шилегов.

Општина Сопиште изгласа одлука да побара од Град Скопје да ѝ го отстапи споменикот на македонскиот револуционер, кој до пред неколку дена стоеше пред Судска палата, но од тоа нема да има ништо судејќи според објаснувањето на Шилегов. Тој вели дека бронзената скулптура најверојатно нема да ѝ биде вратена ниту на невладината организација што го донираше на градот, бидејќи не ѝ платила на „Рудници и железарница – Институти“ за лиењето.

Шилегов беше избран за градоначалник на Скопје како кандидат на СДСМ, а во Сопиште победи ВМРО-ДПМНЕ, од чии редови е градоначалникот Стефче Трпковски. Во општинскиот Совет шест мандати освои ВМРО-ДПМНЕ, три СДСМ и по еден Алијанса за Албанците и ДПА.