Шилегов не го идентификува окупаторот во говорот за 13 ноември

Во духот на промените што ги најави премиерот Зоран Заев од Подгорица во однос на избегнувањето на формулацијата „бугарски фашистички окупатор“, скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешното одбележување на 73-годишнината од ослободувањето на главниот град на Македонија не кажа со кого тогаш се бореа партизаните, што испровоцира реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

„Денеска кога го одбележуваме празникот на Градот, се сеќаваме на храбрите партизани кои го ослободија Скопје на 13 ноември 1944 година. Судбината сакаше и денеска да е понеделник како и тој ден. Се сеќаваме на борците кои со скромна опрема и обука успеаја да протераат далеку посупериорен противник. На 13 ноември 1944 беше важно да не се дозволи туѓи војски да учествуваат во ослободувањето на идниот главен град, но заради познавањето на градот и очекуваните улични борби, беше важно скопјани да го понесат главниот товар со нивната новоформирана бригада. Овде со нас се некои од борците од 12. Скопска ударна бригада и кон нив сакам да изразам посебен восхит и благодарност. Ви благодарам за жртвите што ги дадовме за слободата на нашиот град. Ова е ден да се потсетиме дека војната по која што беше ослободено Скопје беше истовремено и народноослободителна и антифашистичка. Токму ова второво беше заборавено минатава деценија и Скопје дозволи повторно да биде газено од луѓе со слични вредности како оние на соработниците на окупаторот во Втората светска војна. Градот што загуби илјадници свои сограѓани во логорите на смртта и којзнае уште колку други убиени, мачени и прогонувани низ целата војна, не смее да заборави на својата антифашистичка историја и на лекциите од минатото. Ние мораме да се погрижиме фашизмот никогаш повеќе да не завладее со овој град“, рече Шилегов пред споменикот на ослободителите на Скопје до зградата на Владата.

Од партијата со најмногу пратеници во македонското Собрание веднаш побараа објаснување од новиот градски татко.

„ВМРО-ДПМНЕ јавно го прашува Петре Шилегов со кого војуваа партизаните кога го ослободуваа Скопје? Од која војска беше фашистичкиот окупатор со кој се бореа македонските херои – партизани и зошто ниту еднаш тоа не го спомна во својот говор?Дали не е фашизам тоа што Петре Шилегов, Заев и Владата на СДС се откажуваат и сакаат да менуваат историја на една држава?“, се вели во соопштението.

1 Коментар

  1. Pa tocno tuka e razlikata pomegju vro dpnee i sdsm. Prvite naglasuvaat so ostri zborovi delovi od istorijata i so grubi zborovi gi osuduvaat togasnite nastani koi i se za osuda, no segasnive generacii sigurno nemaat vrska so tie nastani i ne treba da se zaostruvaat segasnite i idni odnosi zaradi istoriskite nastani. Toa e novata matrica koja treba da se vospostavi vo idninata. Vo sprotivno ke ostaneme zakopani vo istorijata i izolacijata. Vro dpnee go pravi tokmu sprotivnoto i go razgoruva nacionalizmot kaj nas i kaj sosedite. Od toa ima samo steta. Tie ovie principi ne sakaat da gi prifatat i zatoa zemjava ja dovedoa vo izolacija
    Ne moze da se odi napred optovareni so zloba i omraza. Poglednete gi germanija i francija, polska i dr. Vojnickite sekiri MORA da se zakopaat.

Оставете коментар