Што ќе му сугерира Меркел на Заев, а што му понудила на Груевски?

Во пресрет на средбата Заев – Меркел во Берлин и очекувањата на сугестиите на Германија за спорот со Грција, „свиркачката мрежа“ Викиликс потсетува што во 2008 година германската канцеларка му понудила на тогашниот премиер Никола Груевски.

Според дописот на американската дипломатија, кој го објавил Викиликс пред неколку години, Груевски тогаш не прифатил Република Скопје (Македонија) за да влеземе во Северноатланската алијанса.

Иако според ексминистерот за одбрана и амбасадор во Брисел, Лазе Еленовски, Македонија прифатила Република Македонија (Скопје), сега излегува дека, всушност, во Букурешт македонската Влада во 2008 година го одбила притисокот на Меркел, кој има различна содржина.

Наместо Република Македонија (Скопје), предлогот бил Република Скопје (Македонија), а тој бил нуден и од романската Влада, која, практично, посредувала меѓу Скопје и Атина.

Во документот на американската администрација од 2008 година се опишува средбата меѓу тогашниот премиер Никола Груевски и поранешната американска амбасадорка во Скопје, Џилиен Миловановиќ, кратко откако Грција стави вето на македонското членство во НАТО на Самитот во Букурешт.

Во документот кој е достапен на Викиликс, а има ознака „доверливо“, Миловановиќ истакнува дека на состанокот на 4 април премиерот Груевски изразил благодарност до владата на САД за силната поддршка за зачленување на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт, и покрај зацементираното инсистирање на Грција да стави вето на зачленувањето поради нерешениот спор околу името.

„Тој рече дека покрај неуспешниот обид на германската канцеларка Меркел и сличен потег на Владата на Романија да ја убедат Владата на Македонија да ја прифати грчката формулација за името Република Скопје (Македонија), било задоволство да се гледа како повеќето членки на НАТО вложиле напори да ја убедат Грција да не става вето“, пишува во документот.

Миловановиќ, според депешата потпишана од неа, побарала од Груевски да се продолжат преговорите под покровителство на Нимиц и да се изнајде решение колку што е можно побрзо. Груевски се согласил со неа, но изразил сомневање дека Грција ќе покаже флексибилност во блиска иднина.Рекол дека е среќен што потпишале договор со САД за зацврстување на билатералните односи со што се ублажува загриженоста на јавноста во врска со безбедноста на земјата по грчкото вето. Дополнил дека Словенците му рекле оти грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани објаснила дека ветото било неопходно поради притисокот на грчката јавност.

Груевски тогаш изразил сомневање дека Грција ќе стане уште поостра во ставовите, поради „победата“ во Букурешт. Исто така Груевски појаснил дека македонската позиција станала послаба во однос на времето пред Букурешт и претпоставил оти преговорите би можеле да имаат позитивен епилог дури по две или повеќе години.