Шчербак: За името треба да се земе предвид и ставот на населението

Loading...

Рускиот амбасадор во Скопје, Олег Шчербак, смета дека за прашање од судбинско значење, какво што е државното име на Македонија, треба да се води сметка за демократските норми, кои, според него, подразбираат земање предвид и на ставот на населението.

„Во Русија поаѓаме од тоа дека и Република Македонија, и Република Грција се суверени и независни држави, кои можат самостојно да ги решаваат сите отворени прашања во меѓусебните односи. Прашањето за државното име е од судбинско значење и такви навистина сериозни прашања треба да се решаваат без наметнување вештачки временски рамки и без мешање однадвор. Убедени сме дека и Македонија и Грција се одговорни членки на меѓународната заедница и се во можност сами да решаваат такви прашања. Меѓународното историско искуство покажува дека долгорочно решение на такви чувствителни прашања е можно само во духот на заемната почит, во духот на меѓународното право и во духот на почитувањето на демократските норми. А таквите демократски норми подразбираат дека треба да се земе предвид и ставот на населението на земјата“, изјави Шчербак за битолската локална телевизиска станица Тера.